Брзи макарони
Состојки
- 450-500 гр. макарони (мали)
- 1 литар кисела вода
- 4 јајца
- 200 гр. бело сирење
- 3 лажици масло
- сол по вкус, мешан сув зачин, оригано по потреба
Подготовка
Години наназад откако го научив редовно го правам овој брзински оброк, кој секогаш може да се прилагоди со состојки според личниот вкус. Како и повеќето деца и моите ги сакаат тестенините, а посебно вака приготвени. Постапката е едноставна и лесна.
1. Рерната се загрева на најсилно.
2. Макароните од пакетчето директно се истураат и распоредуваат рамномерно во тава бр. 30.
3. Со вилушка во подлабок сад се матат јајцата, се додава малку сол, мешан сув зачин, маслото, ренданото сирење и се меша сето убаво.
(Може да се стави и изрендана салама или други сувомеснати по желба, ние сите не ги сакаме, па затоа не ги ставам).
4. Во тавата врз макароните се тура киселата вода (околу 1 литар, а може и малку повеќе, важно да ги покрие макароните).
5. Сега доаѓа најбитниот дел. Изматените јајца со другите состојки со лажица се распоредуваат врз киселата вода, но НЕ се меша, туку смесата со лажицата САМО се распоредува по површината.
6. Така приготвена, тавата се става во загреаната рерна, се пече 5 минути при што на површината ќе се формира коричка од јајцата, се намалува на 200 степени и се пече уште 40-тина минути.
Штом подизладат, макароните се сечат со нож како коцки или ленти и се консумираат со на секого омилените додатоци, кечап, јогурт, сиренце ...
Пробајте и заштедете време!