Чоколадна пита со карамелизирани смокви
Состојки
- За тесто
- 125 гр путер
- 100 гр ситен кафеав шеќер
- 2 жолчки
- 200 гр бело брашно
- 50 гр интегрално брашно
- 1 лажица кисела павлака
- прстофат сол
- За чоколаден крем
- 400 гр слатка павлака
- 200 гр млечно чоколадо
- 250 гр посно чоколадо со висок процент на какао
- 1 лажица мед
- 100 гр путер
- прстофат сол
- И уште
- 7-10 свежи смокви
- 2-3 лажици кафеав шеќер
Подготовка
Фантастична чоколадна пита или тарт, како ви одговара така викајте си ја, ама за вистинските љубители на чоколадо овој рецепт е полн погодок. Сите бевме воодушевени од оваа комбинација на вкусови, прекрасно ровко тесто, чоколадо во изобилие и карамелизирани смокви кои само беа како јаготка на шлаг.
Подготовка
1. Кафеавиот шеќер со путерот ги матиме со миксер. Ги додаваме останатите состојки и замесуваме кревко тесто. Го оставаме во фрижидер на 1 час да отстои, па го развлекуваме во тарт тава или пак некоја друга тава што си ја имате по дома. Го ставаме да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 15 минути или додека да поцрвени. Го вадиме од рерна и го ладиме.
Дедека се пече тестото го правиме чоколадниот крем.
2. Ја загреваме слатката павлака со медот до зовривање, па ја тргаме на страна. Ги ставаме чоколадите и путерот и мешаме додека да се растопат. Откако малку ќе подизлади кремот го ставаме врз тестото.
Додека се лади кремот ги карамелизираме смоквите.
3. Смоквите ги сечкаме на парчиња по желба, ги валкаме во шеќер и ги ставаме во тава да се карамелизира шеќерот, односно кратко да се подпечат. Ги ладиме и ги редиме врз чоколадниот крем. Питата ја оставаме да се излади неколку часа.