Посна погача за слава
Состојки
- 200 мл вода
- 1 квасец
- 1 лажичка шеќер
- 700 гр брашно
- 100 мл масло
- 200 мл газирана вода
- 2 лажички сол
- За премачкување
- 50 мл вода
- 1 лажичка брашно
Подготовка
Квасецот, шеќерот, млаката вода и малку брашно измешајте ги и оставете ги десетина минути.
Во вангла ставете го брашното, активираниот квасец, маслото, солта и постепено додавајте од газираната вода. Месете се додека не добиете убаво, мазно тесто. Тестото месете го десетина минути, а од време на време удирајте го од работната маса. Оставете го на топло да се дуплира.
Тенџерето во кое ќе ја печете погачата намачкајте го со маргарин.
Од дел од тестото направете плетенка која ќе ја ставите одоколу.
Од другото тесто, одвојте еден дел, направете топче и ставете го на средина.
Останатото тесто поделете го на пет дела и од секој дел направете топче и распоредете ги околу средишната топка.
Оставете ја погачата повторно да кисне.
За премазот, во водата ставете го брашното и сварете го. Нека се излади, па со четка измачкајте ја внимателно погачата.
Ставете ја да се пече на 200 степени, а по петнаесетина минути отприлика, кога малку ќе зарумени, покријте ја со фолија. Нека печи уште половина час.
Фигурите се направени од брашно и вода. Тестото треба да биде тврдо. Потоа од него правете што ви душа сака.
Ќе ги ставите откако ќе помине тој половина саат, откако ќе ја тргнете фолијата, а фигурата пред да ја ставите на погачата, одоздола намачкајте ја со малку вода. Вратете ја погачата во рерната уште десетина минути.
Нека е за многу години! Оваа погача е правена во чест на св.Богородица.