Крем супа со домати (посно)
Состојки
- 1 кг. домати
- 1 главица кромид (средна големина)
- 1 морков
- 1 мала главичка целер
- 1 пиперка (помала)
- 2 лажици брашно
- 1 лажица мешан сув зачин
- 1/2 лажица црвен пипер
- масло, сол по вкус
Подготовка
Свежа, посна и многу вкусна супа, омилена на мојот сопруг. За мене пак оваа крем супа, доматите во комбинација со целерот ја прават да биде посебна и неодолива.
1. Кромидот се сечка ситно, морковот и главичката целер се чистат и се сечат на кругови, пиперката се чисти од семето и се сечи на поголеми парчиња. Сето заедно се динста во масло и малку вода околу 15 минути додека да омекне зеленчукот. Се остава да излади и се блендира во сецко или блендер.
2. Доматите се мијат и се рендаат на крупната страна на рендето. Брашното се запржува малку, се додава мешаниот сув зачин, се меша, се додава црвениот пипер и се пржи кратко внимавајќи да не прегори.
Веднаш се додаваат ренданите домати. Се меша цело време на тивок оган, при што доматите ќе почнат да се згуснуваат од брашното.
3. Во густата доматна маса се става блендираниот зеленчук и се меша постојано.
Се дотура по малку топла вода (количината е од око) за да се разреди густината, односно да се добие одредена средна густина, ни многу ретка ни премногу густа.
Крем супата се крчка на тивко уште 20-тина минути.
Се достава сол ако има потреба и пред служење се става свеж магдонос.
За време на варењето огнот регулирајте го според вашиот шпорет, бидејќи вообичаено при пржење и варење доматите прскаат ако температурата на огнот е повисока.
Во подготовката може да додадете целер, компир или и други зачини, соодветно според вкусот. На здравје!