Испечати

Лешник-орео торта

Лешник-орео торта

Состојки

  • за тесто
  • 10 белки
  • 10 големи лажици шеќер
  • 4 големи лажици брашно
  • 6 големи лажици мелени лешници
  • 50 гр рендано темно чоколадо
  • за кафен фил
  • 10 жолчки
  • 6 големи лажици шеќер
  • 150 гр темно чоколадо
  • 150 гр путер (собна температура)
  • за бел фил
  • 100 гр шлаг во прав
  • 100 мл ладно млеко
  • 100 гр мелени орео бисквити
  • 400 гр фондан за украсување
  • по желба прехрамбени бои

Подготовка

Ете го и мојот 100-ти рецепт. Среќна заради оваа бројка, а уште посреќна заради тоа што постои оваа страна, среќна зошто откако сум тука мојата кујна мириса многу поубаво, благодарение на сето ова искуство и љубов кон готвењето што несебично се споделува тука. Заради Вас и Вашата страна јас стекнав и многу добри пријателства и дружби кои не се забораваат. Фала Ви од срце МоиРецепти заради тоа што постоите и секако дружбата продолжува и понатаму...

Подготовката на тортата е следна
1. Во подлабок сад за матење ставете ги белките. Додајте го шеќерот и матете додека да добиете густ шам. Во садот потоа додадете го ренданото чоколадо, мелените лешници и брашното. Печете на 160-170 степени околу 20-тина минути.

2. Во меѓувреме подгответе го кафениот фил. Во сад изматете ги жолчките со 6 лажици шеќер додека да се згустат. Садот ставете го врз друг сад на оган со зовриена вода и варете ги жолчките на пареа додека не ја добијат потребната густина. Во жолчките додајте го и чоколадото искршено на коцки да се растопи. Сварениот крем оставете го да се излади.

3. Во сад пенесто изматете го путерот и лажица по лажица додавајте од изладениот крем од жолчки. Матете додека да се хомогенизира смесата.

4. Во друг сад изматете го шлагот со 100 мл ладно млеко. Во него додадете ги и сомелените орео-бисквити и убаво соединете го филот.

Испеченото тесто поделете го на три ленти. На дното на чинија за торта ставете една лента. Врз неа нанесете 1/2 од белиот орео фил и врз него нанесете половина и од кафениот фил. Поклопете со втората лента тесто и повторете ја постапката. На крај премачкајте ја тортата со малку фил за поубаво да го нанесете фонданот. Јас практикувам да ја оставам во замрзнувач за убаво да се стегне пред да ја покријам со фондан. Направете украси по желба и украсете ја тортата

На здравје