Зелник со праз и тиквичка
Состојки
- За тесто
- 700 гр брашно
- 1 лажиче сол
- 1/2 лажиче шеќер
- 1 лажиче винска киселина
- 10 гр свеж квасец
- околу 350 мл млака вода
- 250 гр маргарин
- Фил
- 4-5 парчиња праз (јас го ставам светлиот дел, а ако го ставате цел, намалете ја количината)
- 1 помала тиквичка
- 300 гр изварка (урда)
- 4 јајца
- сол по вкус
Подготовка
Најпрво спремете го филот за да можи да излади до филовањето. Топол фил можи тестото да го направи глетаво за јадење.
Ситно исецкан празот се потпржува на масло. Откако ќе испржи 5-6 минути, се додава и тиквичката исечкана на мали коцкички. Кога убаво ќе омекнат, се додава урдата. Се пржи додека испари течноста и убаво се распореди низ содржината. Исклучете ја ринглата и тргнете ја тавата на страна, па додадете ги јајцата и убаво измешајте. Вратете на сиклучена рингла 2 минути мешајќи за убаво да се поврзи се заедно.
Од наведените состојки се меси глатко тесто. Најпрво се замесува во вангла, а потоа се префрла на работната маса и убаво се измесува најмалку 5 минути. За поглатко можи да го удрите на крај неколку пати од работната површина (тепање на тестото). Потоа, се дели на 2 дела , се покрива и се остава 10-15 минути да одмори.
Секој дел се развлекува тенко во кружна форма. Сепремачкува со маргарин и се засекува од периферија до половина на кругот, така што во средината ќе остани незасечен круг од тестото. Накрсно секое засечено периферно парче се преклопува во центарот, при што исто така одозгора се премачкува со маргарин, сите, освен најгорното. Така здиплени тестата се ставаат во рамна чинија и се оставаат во фрижидер половина час, или во замрзнувач 10-15 минути.
Од двете теста посебно се сучи правоаголна тенка кора малку поголема од плехот на шпоретот. Едната се постила врз намрсениот плех, а краевите се оставаат да висат на работ. Рамномерно се распоредува филот и врз него се поставува другата развлечена кора, малку набрана само до внатрешните страни на плехот. Ивиците од долната кора се виткаат навнатре.
Маргаринот поделете го на 3 дела. По една третина за премачкување на корите и последната третина употребете ја врз зелникот распоредувајќи ја во ситни парчиња.
Печете на 200 степени околу половина час.
Топлиот зелник, попрскајте го одозгора со ладна вода (користете ги рацете навлажнувајќи ги) и покријте го со платнена салвета малку да подолади, барем 15на минути. Потоа исечете го на посакуваните парчиња и уживајте со чаша ладен јогурт или кисело млеко.