Тарт со домати (посно)
Состојки
- Тесто
- 150 гр. брашно (пченично)
- 5 лажици овесни снегулки (мелени)
- 2 лажици семки од тиква (мелени)
- 1 лажица сусам (мелен)
- 1 лажица сув квасец
- 1 мала лажичка шеќер
- 1/2 лажиче сол
- 4 лажици маслиново масло
- 120 мл. млака вода
- 1-2 лажици брашно
- Зеленчук за редење
- 1 црн домат (средна големина)
- 2 домати
- 1 зелена пиперка (помала)
- 3 чешниња лук (сечкани на лентички)
- Сос
- 100 мл. доматен сос
- 150 мл. кечап
- 2 чешниња лук (ситно сечкани)
- 3 лажици маслиново масло
- 1 лажичка оригано
- малку црн пипер, сол
- За посипување
- 1 китка свеж магдонос (исечкан)
- сусам, сол по вкус, зачини по вкус
Подготовка
Иако содржински овој рецепт изгледа обемно, воопшто не е така, напротив штом се следи постапката, едноставен е и многу интересен. Љубителите на вкусот на доматите ќе бидат задоволни од овој посен и здрав тарт, секако со можност да се прилагоди според индивидуалниот вкус.
1. Се мешаат сувите состојки и маслиновото масло и се замесува тесто со млаката вода. Ако е потребно се додава 1-2 лажици брашно (толку јас притурив), битно да се добие меко тесто што не лепи. Се остава да нарасне на топло околу 25-30 минути, а за тоа време се подготвуваат останатите содржини.
2. Црвените домати и црниот домат се сечат на кругови (3-5 мм), а црниот домат се посолува за да се намали горчливиот вкус и стои додека да нарасне тестото. Лукот се чисти и се сечка на тенки лентички, а пиперката се сечи на кругчиња.
3. Доматниот сос се прави со мешање на сите наведени состојки за сосот, само солта се става по вкус.
4. Штом ќе стаса тестото, со раце намрсени со маслиново масло тестото се премесува, се префла и се распоредува во намастена тава за тарт (27-28 см.), се посипува со сусам и се пече најпрвин 5-6 минути на 250 степени загреана рерна. Потоа тестото се вади од рерната, се распоредува половина од сосот, се редат црните па врз нив црвените домати, пиперките и лукот.
Врз зеленчукот се дотура остатокот од сосот и се посипува повторно со сусам.
Се враќа во рерна намалена на 200 степени и се пече уште 25-30 минути.
5. Испечениот тарт се прекрива со алуминиумска фолија и пред служењето се посипува со свеж насечкан магдонос, а може и зачини по желба.
Црниот домат може претходно да се испржи и така да се распореди на тестото.
Оваа посна верзија може да се збогати и со сечкани маслинки, а може и да се претвори во мрсна додавајќи изрендано или пак ленти од биено сирење.
На здравје!