Испечати

Слатки винарки

Слатки винарки

Состојки

  • филџан = 180 мл.
  • 5 филџани брашно
  • 1 кесичка прашок за пециво
  • 1 кесичка рум шеќер
  • 1 кесичка ванилин шеќер
  • 2 филџани масло
  • 1 филџан бело вино
  • 100-150 гр. мармалад од сливи
  • шеќер во прав за посипување

Подготовка

Еве еден старски рецепт за слатки кој некако повеќе се прави во зима, но еве го сега како предлог за овие пости. Едноставни и вкусни слатки, колку повеќе дена стојат толку се повкусни.

- Во вангличе се мешаат сувите состојки да се изедначат, па се додаваат маслото и белото вино.

- Се измесува убаво со рака, се префрла тестото на работната површина и по потреба се додава малку брашно да се добие средно тесто, односно тесто што ќе се развлече без да се лепи.

- Се развлекува кора дебела околу 5 мм, со чаша со остар раб се вадат кругови, на секое кругче му се става по малку мармалад, се преклопува на пола и со вилушка се притиска на полукружниот раб.

- Слатките се ставаат во плех обложен со хартија за печење и се печат на 190 степени 25-30 минути.

- Штом ќе изладат, слатките Винарки се валкаат во шеќер во прав.
Тоа што во тестото нема бел шеќер не значи дека не се благи, крајниот ефект го прави шеќерот во прав. Колку повеќе стојат, толку се поровки, а бидејќи се посни траат повеќе денови.