Пица палачинки со сок од домати
Состојки
- тесто за палачинки
- 500мл. вода
- 300мл домашен сок од домати (без семки)
- 30 големи лажици брашно
- 2 јајца
- прстофат сол
- една мала лажичка межан сув зачин
- 3-4 листови свеж босилек
- за филот за палачинките
- 300гр. павлака
- 300гр. млечен кашкавал
- 300гр. шунка
Подготовка
Пре-превкусен и интересен начин на подготовка на тесто за солени палачинки. Вака приготвени, како во мојот рецепт, палачинките имаат вкус на пица.
Најпрво, се приготвува тестото за палачинките. Од оваа количина излегуваат околу 20тина палачинки.
Се матат јајцата со миксерот, се додава постепено водата, па сокот од доматите. На крај се додава и брашното кое го ставате по потреба, се додека не се добие смеса погодна за палачинки. Потоа во смесата се додаваат и зачините, се посолува, се додава мешаниот сув зачин, па ситно сецканите ливчиња босилек, ориганото, лукот во прав и мелениот црн бибер и сето тоа убаво се меша со лажица.
Палачинките се пржат на добро загреана тава.
Секоја палачинка, се премачкува прво со павлака, потоа се става рендана шунка, па парчињата кашкавал. Палачинката се мота како ролна и доколку сакате кашкавалот малку да се растопи, ролните можете слободно да ги ставете во тава и малку на ринглата да се затоплат.
Забелешка - посебен вкус на овие палачинки им дава свежиот босилек и ориганото, но не треба да се претерува, доколку сакате можете да ставите и помалку ливчиња. Уште на пржењето на палачинките ќе забележите колку убаво мирисаат, но со филот тие испаднаа фантастична комбинација!
Сок од домати верувам дека сите имате по дома. Кај нас сокот е варен, без конзерванси. Доколку немате таков сок, како добра замена може да дојдат и соковите од домат кои се продаваат по маркетите. Можеби подобро ќе биде доколку во смесата (заради поинтензивна боја) ставете 50% вода, 50% доматен сок, иако јас сепак се одлучив да употребам поголем однос на вода, но и вака палачинките добија боја и прекрасен вкус.
На здравје!