Тесто за солени и слатки фокации и питички
Состојки
- 200 гр. брашно
- 100 гр. гриз
- 220 мл. вода
- 1 лажичка истант квасец
- 1,1/2 лажичка сол
- 1,1/2 лажица шеќер
- 1 лажица зејтин
Подготовка
Значи - ова е основниот рецепт, а вие од него можете да си направите и фокации, некои солени питички , секако и некои слатки делиции. Јас денес правев фокација една мала која за нас беше доволно. Во самото тесто ставив 1 лажичка сува мајчина душичка, а ќе ставев бодилек ако имав. Откако стаса тестото по вториот пат, со зејтинот во кој имам ставено лук ги залеав маслинките, ги наредив врз тестото лесно притискајки ги, а не изостана и рузмаринот кој го обожавам. Во тестото можете да ставите и лук во прав или ситно рендано 1 чешне пресен лук. Ова е прекрасно ако наредите и јаболка одозгора кои претходно сте ги посипале со малку шеќер. Може со секое овошје. Изборот е ваш.
- Од сите наведени состојки замесете тесто кое ќе биде баш онака меко. Оставете го околу 40 мин. нека стасува (ако сте ставиле малку повеќе квасец, стасувањето е пократко, но немате потреба од тоа)
Откако стасало на хартија за печење која сте ја побрашниле истурете го тестото и формирајте го така да биде во дебелина колку еден прст или малку повеќе. Оставете да стаса повторно околу 20 - 30 мин. поставете го од вас избраното (солено или слатко). Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 220 степени. Ќе познаете кога е готово. Јас печев околу 20 мин во рерна со вентилатор.
Нека ви е слатко!!!