Тава со зеленчук
Состојки
- 5-6 домати (поголеми)
- 3 тиквички (средна големина)
- 3 китки магдонос
- 3 главици лук
- 3 главици кромид
- 3 лажици мешан сув зачин
- 3 лажици брашно
- 3 лажици црвен пипер
- масло, сол по вкус
Подготовка
Оваа посна, вкусна, зеленчукова тава пред неколку години ја слушнав неформално од една познаничка битолчанка, па после првото подготвување веднаш на сите дома ни се допадна. Од тогаш ја правам додека на пазарот има тиквиња.
Подготовката е едноставна, само што малку време ќе одземе сецкањето на лукот и кромидот.
1. Кромидот се сечка на ситно, лукот се чисти и се сечка на ситни лентички.
2. Магдоносот се мие и се сечка, доматите се мијат и се сечат на кругови,
тиквичките се лупат и тие се сечкаат на кругови.
3. Во земјена тава спремниот зеленчук и останатите состојки се распоредуваат
по следниот редослед
- ред тиквички
- масло
- 1 лажица мешан сув зачин
- 1 лажица брашно
- 1/3 од целата количина магдонос
- 1/3 од целата количина лук
- 1/3 од целата количина кромид
- 1 лажица црвен пипер
- ред домати.
Постапката се повторува уште 2 пати односно со останатите 2/3 од продуктите,
при што се завршува со домати.
4. Се дотура малку млака вода бидејќи тиквичките и доматите ќе пуштат течност, на тавата се става алуминиумска фолија, тавата се става во рерна и се вклучува рерната на 220 степени.
5. Штом ќе се загрее, рерната се намалува на 200 степени и така се печи 1 час. После 1 час фолијата се вади и се остава уште 30-40 минути да се потпече.
При јадењето по потреба се дотура сол, а тавата е исто многу вкусна ако наместо свежи домати се стави доматна салца или домата.
Одберете соодветно длабока тава која не мора да е земјена, која ќе има доволно простор за редење на сите 3 реда продукти.
На здравје!