Солен ролат со прекрасно тесто
Состојки
- 5 јајца
- 1/2 лажиче сол
- 125гр маргарин
- 100гр брашно
- 500мл млеко
- 1 врзалка блитва
- 1/4лажиче морско оревче
- фил
- 250гр кисела павлака
- 10 парчиња печеница
- 120гр биено сирење
- 1 морков
- за одозгора
- 2-3 лажици кисела павлака
- 30гр рендано биено сирење
Подготовка
Многу често правам разни солени торти, ролати, корпици, но тестото од овој ролат ме освои.
Меко, сочно, убаво.
Со филот можете да правите разни комбинации по ваш вкус.
Во една касерола на тивок оган се става маргаринот да се растопи.
Се додава брашното, малку да се запржи, но не смее да потемни.
Се додава млекото и постојано се меша за да не се направат грутчиња.
Кога ќе се згусни се остава да се олади.
Блитвата се чисти од белите делови, се мие и се бланшира. Се цеди.
Во вангличка се ставаат белките и се матат со миксер, да се добие пена, се додава сол, морско оревче и една по една жолка.
Постепено се додава изблендираната блитва и смесата со брашно и маргарин.
Со шпатула убаво се соединува цела смеса и се истура во ростер тава за печење.
Се печи околу 25 минути на 190 степени.
Се лади.
Обично во сите ролати стои да се завитка во крпа, јас ова не го практикувам, од причина што готовиот ролат го виткам во фолија и го чувам во фрижидер 2 часа до служење.
Кога тестото е изладено се премачкува со кисела павлака, на половина од кората се редат парчиња печеница, а на половина рендан свеж морков.
Врз цела кора се ренда биеното сирење.
Се завиткува во ролат, се стега со алуминиумска фолија и се чува во фрижидер.
Пред служење се премачкува со кисела павлака се ренда биено сирење и се сече на парчиња.
Уживајте во убавиот вкус.
Совет може испеченото тесто да се подели на 2 дела, да се филува и да се сече на коцки, триаголници....