Сунѓерест пченкарен кекс со афион
Состојки
- 1 чаша = 200 мл
- 6 јајца
- 6 лажици кафеав шеќер
- 4 лажици мед
- 1/2 чаша маслиново масло
- 1/2 чаша сончогледово масло
- 1 чаша млеко или јогурт
- 3 чаши пченкарно брашно
- 1 пак. прашок за печиво
- 1 лажиче арома ванла
- 1/2 пак. сув квасец
- 3 преполни лажици афион
Подготовка
Малку поинаков кекс по состав. Едноставен, но сепак интересен. Колку повеќе стои, толку е повкусен. Вистинското уживање на вкусот и структурата е откако ќе преноќи.
По рецептот, белките се матат одделно, а жолчките заедно со шеќерот и медот, така што белките се вмешуваат на крај полека и внимателно. Јас јајцата ги матев цели, но многу подолго време, некаде 10 до 15 минути заедно со шеќерот и медот, односно додека миксерот не почна да си прави „пат“ низ нив.
Изберете поголема вангла, кексот е издашен.
Понатаму процедурата е следна. Брзината на миксерот се сведува на минимум, па се додаваат двата вида масло и млекото, јогуртот, па дури и кисело млеко или цврст јогурт би можело.
Се додава квасецот, печивото и афионот, кој комотно можите да го сместите и во 4 нормално полни лажици и на крај, пченкарното брашно, кое ќе го вмешате со помош на жица или шпатула рачно и внимателно.
Смесата истурете ја во тава 25х35, предходно намастена и набрашнета.
Печете на 180С околу половина час.
Кога ќе излади, посипете го кексот со шеќер во прав и исечете на коцки или ромбоиди.