Кантучини со брусница и бадеми
Состојки
- 50 гр бадеми
- 80 гр. шеќер
- 1 (поголемо) јајце
- 150 гр брашно
- 1/2 мала лажичка пециво
- 1 мала лажичка цимет
- 50 гр. сушена брусница
- прстофат сол
- 1 кесичка (10 гр) ванилин шеќер
Подготовка
Кантучини се всушност еден вид на италијански домашни бисквити. Рецептот го најдов во италијански кувар кој ми е подарок и ви го пренесувам во оригинална верзија. Дозата е малечка и излегуваат 20-25 бисквити зависно од тоа колку дебели ќе ги исечете, тоа е најверојатно зошто Италијаните не се толкави јадачи како нас па приготвуваат помали порции и оброци. Ама бисквитиве се феноменални по вкус па уште од сега кажувам дуплирајте ја дозата. Затоа што се суви, одлични се да ги искористите за летна ужинка за на плажа. Има неколку комбинации, мене лично оваа со брусница и бадеми ми е омилена. Подготовката е следна
Рерната вклучете ја на 180 степени . Во подлабок сад за матење, со жица за матење или виљушка пенесто разматете го јајцето со прстофат сол. Додајте ги и шеќерот и ванилиниот шеќер. Повторно промешајте. Додајте пециво, цимет иситнетите бадеми, брусница и постепено додавајте го брашното. Со рака замесете тесто, кое треба да е лепливо.
Во правоаголна тава за печење ставете хартија за печење (јас печев во делиција ростер и не ставив ништо) со рака тестото обликувајте го во векна 26*6 см и печете во загреана рерна на 180 степени околу 15-тина мин, односно додека да добие светло жолтеникава боја. Полу-испечената векничка извадете ја од рерна и оставете ја 5 мин да се излади. Со нож сечете ги дијагонално кантучините (дебелина околу 5 мм) и повторно редете ги легнати во тавата да се допечат, на истата температура додека не добијат златно-жолта коричка ( отприлика уште 5-6 мин). Многу се добри зошто можат да стојат и до месец дена во лимена или стаклена тегла и феноменални како грицки за патување или плажа.
На здравје