Желатинки со лешници
Состојки
- 250 гр. шеќер во прав
- 30 мл. вода
- 30 мл. сок од свеж портокал
- 1 кесичка желатин
- 5 лажици сок од свеж портокал
- 50 гр. лешници (ситно сечкани)
Подготовка
Овој десерт наликува на домашно мачмелоу по својот сунгерест состав,
лесен е за подготовка, а според состојките кои траат повеќе време, соодветен за носење на плажа.
1. Желатинот се меша со 5-те лажици исцеден сок од портокал додека да набабри.
2. Шеќерот се става во тенџере, се става водата и сокот од портокал, се загрева и врие неколку минути додека да се стопи убаво шеќерот.
3. Шербетот се претура веднаш во друг сад, постепено се додава желатинот лајче по лајче и се миксира со миксер десетина минути, односно додека да побели смесата. На крај се ставаат лешниците (потпечени и ситно исечкани), се меша со миксерот до изедначување.
Ова се работи брзо бидејќи смесата ќе почне да се здрвува и да се тегне како конци.
4. За полесно да ги извадам желатинките, јас смесата ја ставав во силиконски калап (мојот омилен со цветови), а може каков сакате.
Бидејќи смесата е леплива и тегава, со заоблен нож кој го ставав во ладна вода полесно ги полнев и израмнував формите од калапчето.
5. Калапот се става во замрзнувач и по 2-3 часа, желатинките се вадат од калапот.
Наместо во силиконски калапи, смесата може да се стави во некое правоаголно плехче кое е посипано со кокос претходно, за да можа да се извадат желатинки исечени по ваша желба штом ќе се здрви смесата.
Наместо лешници може да се стават ореви, желе или кокос.
Од оваа количина излегоа 15 парчиња желатинки.