Тиквени питулици
Состојки
- 450 гр брашно
- 2 тиквички
- 20 гр свеж квасец
- 1/2 лажиче шеќер
- 1 лажица мешан сув зачин
- 70 мл топла вода
- 50 мл газирана вода
- 200 мл јогурт
- 2 јајца
Подготовка
Овој рецепт е обид за емитација на тиквичките кои ги спрема тетка Лиле во нејзиниот ресторан. Да се разбериме, нејзините се далеку поубави и повкусни, па до следниот обид или можеби откривање на тајната како ги спрема, за утеха еве ги овие, како „предгрупа“ за нив.
Ставете го брашното во длабок сад. Направете вдлабнатина и во неа истурете ја млаката вода, шеќерот и квасецот. Оставете да запени.
За тоа време изрендајте ги тиквичките.
Во садот додадете ги и останатите состојки, па на крај вмешајте ги ренданите тиквички.
Покријте и оставете го на топло да се дуплира содржината.
Загрејте подлабока количина на масло или пак употребете фритеза. Земајте со лажичка од смесата и пржете ги тиквените питулици во загреаното масло. Пржени, одложете ги врз хартиена салфетка за да се впие вишокот мрснотија.
Одлични се и топли и ладни.
Можи да ги сервирате со изрендан пармезан или сирење по желба одозгора, да додадете во чинијата тартар сос или некој сос со кисела павлака.