Испечати

Карамелна Нугат торта

Карамелна Нугат торта

Состојки

  • за прва кора
  • 5 белки
  • 10 големи лажици шеќер
  • 150 гр кокос
  • 2 големи лажици брашно
  • 1/2 пакетче ( 6 гр) пециво
  • за втора кора
  • 5 белки
  • 10 големи лажици шеќер
  • 150 гр мелени лешници
  • 2 големи лажици брашно
  • 1/2 пакетче ( 6 гр.) пециво
  • за фил
  • 100 гр шеќер (за карамелот)
  • 500 мл млеко (за карамелот)
  • 1 пакетче ( 40 гр) пудинг од ванила
  • 100 гр шеќер
  • 3 големи лажици густин
  • 200 мл млеко
  • 10 жолчки
  • 250 гр путер (собна температура)
  • 150 гр мелени бисквити
  • за втор фил
  • 500 гр шлаг во прав ( *не слатка павлака)
  • 350 мл ладно млеко
  • 200 гр чоколаден крем (еурокрем)
  • 100 гр чоколаден крем ( еурокрем ) за прекачкување на кората

Подготовка

Еве една убава кремаста торта за убав повод-како што доликува. Конечно и ние имаме своја дома, па за да си го обележиме овој за нас најубав момент ја направив оваа торта. Оставена во замрзнувач е вистинско уживање во овие жешки денови. Подготовката е следна

Јајцата искршете ги и поделете ги на две места по 5 белки, а сите 10 жолчки оставете ги во сад на страна. Во подлабок сад за матење ставете 5 белки, додадете 10 лажици шеќер и матете со миксер додека не добиете густ шам. Во изматените белки додадете кокос и брашно помешано со пециво. Внимателно во лажица соединете ја смесата, да се изедначи и печете околу 15 мин на 170-180 степени. Оваа доза е доволна за округла тава бр 28. Јас печев во тава на која и се вади станичниот дел за полесно на крај да ја филувам тортата. Испечената кора оставете да се излади.

Втората кора се подготвува на идентичен начин само што во белките наместо кокос се ставаат мелени лешници.

Кората со кокос премачкајте ја со чоколаден крем и оставете ја 15-тина минути во замрзнувач да се стегне, за да можете над неа да ги редите филовите ( а притоа да не се измешаат со кремот)

За карамелот. Во подлабоко тенџере на оган ставете 100 гр шеќер да се карамелизира. Кога ќе добие убава боја ставете го и млекото ( 500 мл) и оставете да проврие. Во друг сад на страна во преостанатите 200 мл млеко разматете ги жолчките, пудингот, густинот и преостанатиот ( 100 гр) шеќер. Со жица за матење убаво размешајте ја смесата со жолчки ( да нема грутчиња) и постепено додавајте ја во зовриеното карамелно млеко. Варете на умерена температура неколку минути додека кремот да ја добие потребната густина. Оставете да се излади.

Во друг сад разматете го путерот и додадете го изладениот крем-карамел. Убаво изедначете ја смесата со миксер и на крај додадете ги мелените бисквити.

За втор фил
- Изматете го шлагот во прав со ладно млеко. Треба да е густ и не дотурајте млеко. Во изматениот шлаг додајте го и чоколадниот крем и убаво изедначете го филот.

Тортата се филува на следниот начин. најдолу ставете го белото тесто со кокос( кое стоело во замрзнувач), врз него размачкајте го карамел-кремот, врз него второто тесто со мелени лешници и на крај завршете со филот од изматен шлаг со чоколаден крем.

Јас дел од изматениот шлаг оставив бел, за подоцна да го искористам за украсување на тортата, а вие украсете како сакате. Тортата е многу филеста и доста висока па пожелно е да ја филувате во калап за торта со оквир за да не ви се растечат филовите. Готовата торта оставете ја во ладилник неколку часа да се стегне

На здравје