Испечати

Боранија со бунгур

Боранија со бунгур

Состојки

  • 500-600 гр. боранија
  • 1 главица кромид
  • 1 пиперка (сечкана)
  • 2 моркови (исечкана на кругови)
  • 2 домати
  • 1 лажица црвен пипер
  • 3 раце бунгур (мелена пченица)
  • 1 лажица мешан сув зачин
  • 1 китка магдонос
  • сол по вкус, црн пипер, масло

Подготовка

Бунгурот односно крупно мелената пченица, претежно ја ставам во манџи наместо ориз. Дава густина, има убав вкус и не треба дополнително да се става брашно и запршка. Ја нема кај нас, па ја користам штом ќе ја набавам од Велес, каде сеуште се користи најчесто со пилешко месо.
Со млада боранија, бунгурот го искомбинирав во вкусен посен летен ручек.

1. Се запржува кромидот, пиперката и морковот со малку вода. Штом испари водата, се пржи уште малку, па се додава црн пипер, мешан сув зачин и црвената пипер. Се меша сето и веднаш (за да не изгори црвениот пипер), се ставаат излупените и исечкани домати. Се меша сето и штом водата од доматите ќе подиспари, се става млака вода од око.

2. Штом ќе почне да врие водата, се става боранијата која претходно е исчистена, измиена и исечена на помали парчиња.

3. Се вари малку и штом пак водата ќе зоврие се става бунгурот.
По потреба се додава вода да се добие одредена густина, се става сол и зачини по вкус. Штом омекне боранијата и се свари бунгурот, тенџерето се трга настрана и се става исечканиот магдонос.