Млечен сладолед
Состојки
- 350 мл млеко (3,5 %масленост)
- 200 мл млечна неутрална павлака
- 150 гр ситен шеќер
- семе од стапче ванила или екстракт од ванила
Подготовка
Откако си го купивме Делимано апаратот за сладолед првиот избор за правење и проба на апаратот падна на овој млечен сладолед. Со едноставни состојки, а многу вкусен исто како куповен.
За подготовка на сладоледот најпрво садот од апаратот што се меша сладоледот треба да се стави во замрзнувач најмалку 12 часа или повеќе.
Потоа следи подготовката на сладоледот.
Во сад ставете ги млекото, павлаката, шеќерот, семето од ванила и со лажица убаво измешајте ги додека се стопи шеќерот. Покријте ги со прозирна фолија и ставете ги во фрижидер 2-3 часа да се ладат.
Изладената смеса истурете ја во апаратот, поклопете го и пуштете го да работи. Времето на правење на сладоледот трае околу 30-35 минути или додека смесата се згусти, зацврсти.
Готовиот сладолед префрлете го во соодветна кутија и оставете го уште 1 час во замрзнувач. Може да го послужите со чоколаден или овошен прелив.