Испечати

Брза погача како цвет

Брза погача како цвет

Состојки

  • 500-600 гр. брашно
  • 1 цело јајце
  • 1 белка (жолчката за премачкување)
  • 40 гр. пресен квасец
  • 250 мл. благо млеко
  • 1 лажица сол
  • 1 лажичка шеќер
  • 120 мл. масло
  • сусам, афион, сирење по потреба
  • путер/маргарин за премачкување по потреба

Подготовка

Погачава е брза за правење бидејќи се обработува веднаш, а се чека да нарасне само пред печењето. Состојките се вообичаени, а ова е еден мој испробан и искомбиниран начин на подготовка, што нормално може да има и други варијанти.

1. Сите состојки се замесуваат заедно, по потреба се додава брашно да се добие средно меко тесто што не лепи.

2. Убаво измесеното тесто веднаш се размесува во една голема кора, се премачкува со путер/маргарин на собна температура, се сечи и се преклопува како на сликата (бидејќи не стигнав да ја сликнам оваа постапка, сликата ја позајмив од зелникот на eli4ka).

3. Така преклопеното тесто веднаш се рассукува пак во една голема кора, со поголема чаша се вадат кругови кои скалесто се редат по крајот во намастена тава бр.30, потоа со помала чаша пак се сечат кругови кои се скалесто се редат повнатре во тавата. Од тестото кое ќе остане се сука правоаголниче на кое му се става малку сирење, се витка мало ролатче, се сечат кругчиња со кои се исполнува средниот празен дел во тавата.

4. Погачата се остава да кисни околу 20 минути, се премачкува со жолчката, се наросува со сусам и афион, СЕГА се вклучува рерната на 200 степени и се става погачата внатре, а штом термостатот се загрее на оваа температура, се намалува на 180 степени и се пече уште 15-20 минути зависно од рерната.

Пријатно!