Чизкејк сладолед со боровници
Состојки
- За корпиците (тарталети)
- 250 гр. брашно
- 125 гр. путер (маргарин)
- 1 лажица шеќер
- 2 лажици ситно сецкани лешници
- прстофат сол
- 3-4 лажици ладна вода
- Сладолед
- 300 гр. маскарпоне
- 150 мл. слатка павлака
- 410 гр. кондензирано млеко 7,5%
- 1 шоља кафеав шеќер
- 1 лажичка ванила
- за прелив од боровници
- 2 шољи боровници
- 2 лажици шеќер
- 2 лажици густин (или прашак за пудинг од ванила)
Подготовка
Ова е еден прекрасен, кремаст, овошен сладолед послужен во калапи од крцкаво тесто.
1. За да ги подготвите тарталетите, измешајте го брашното со ладниот путер (маргарин). Прво со вилушка, а потоа со прсти да се направат трошки. Се додаваат ситно сецканите (јас ги толчам) лешници, шеќерот и неколку лажици ладна вода колку да се поврзе тестото и да се обликува во топка. Сплескајте ја со рака малку и ставете ја во фрижидер минимум 1/2ч. Тестото не го месете многу, путерот не треба целосно да се стопи, треба да се познаваат парченца путер. Во текот на печењето тие ќе му дадат поголема ровкост и крцкавост на тестото.
2. Кога е убаво оладено тестото, расукате го, вадете со калап округли форми и со нив обложете ги калапите за тарталети. Печете ги на 180Ц околу 15 мин. посипани со нешто потешко за да не се надигнат (јас ставам парчиња хартија за печење, па врз нив леќа), а потоа уште 10 мин. празни. Оставете ги да се оладат и потоа извадете ги од калапите.
3. За сосот од боровници, измешајте ги боровниците и шеќерот и ставете ги на оган да провријат и да се стопи шеќерот. Додадете го густинот (или прашак за пудинг од ванила) да се згусне и тргнете го од оган да се олади.
4. Сладоледот се подготвува многу едноставно, а има прекрасен вкус и кремаста структура. Се матат маскарпонето, кафеавиот шеќерот и ванилата да се поврзат. Се додава изматената павлака, кондензираното млеко, се мати уште колку да се поврзе и се става во фрижидер да се замрзне. После 5-6ч, кога сеуште не е замрзнат целосно се вади од фрижидер, се мати со блендер за да стане кремаст, му се додава сосот со боровинки (еден дел се остава за украсување) полека низ целата смеса за убаво да се распредели и се промешува вниматено со вилушка. Се остава убаво да се замрзне и потоа може да го послужите и да уживате во вкусот.
5. Извадете топки од сладоледот, наполнете ги тарталетите, посипете со сосот од боровиники и поросете со гранола или сецкано јаткасто овошје по вкус. Дококу сакате пак да личат на вистински чизкејк, додека е поодмрзнат сладоледот (кога ќе го матите со блендер) наполнете ги тартелетите, израмнете ги и прошарајте со сосот од боровинки и оставете ги така во фрижидер за се дозамрзнат (дополнителна слика).
6. На здравје