Испечати

Домашен (ванила и чоколадно-вишнов) сладолед

Домашен (ванила и чоколадно-вишнов) сладолед

Состојки

  • 500 мл. млеко
  • 200 гр. шеќер
  • 2 кесички ванилин шеќер
  • 150 мл. вода
  • 250 гр. прашак за шлаг со вкус на ванила
  • 100 гр. темно чоколадо
  • 200 гр. вишни (без семки)

Подготовка

Вкусовите на овие два сладоледи добиени од една основна ванила смеса,
се секојдневни, но карактеристичен е начинот на подготовка.

1. Млекото, шеќерот, ванилата и водата се ставаат во тенџере да се варат, а штом ќе почне да врие течноста, се намалува температурата колку да врие на тивко, но на почетокот се внимава да не претече.
Така на тивко треба да се вари околу 30 минути, при што количината ќе се намали, течноста која има жолтеникава боја ќе се згусти малку, но тоа повеќе се приметува кога ќе подизлади.

2. Течната маса се остава да се излади постепено. За забрзување на ладењето, тенџерето во кое се вареше се става во еден сад со вода во која се ставаат коцки мраз и се меша до изладување. Потоа се става во ладилник неколку часа, односно додека да подзамрзни малку, но не сосем. На сликите се гледа дека млечната маса нема замрзнати кристали, туку е густа.

3. Важно е смесата да не е замрзната целосно, бидејќи во следната постапка во неа се тура прашакот за шлаг и се мати до убаво изедначување.
Од добиениот крем кој останува таков, 2/3 се става во сад и се замрзнува, а во останатата 1/3 се става истопеното на пареа и подизладено чоколадо и се мати со миксер. Потоа се ставаат исчистените вишни, се меша со лажица да се разредат убаво вишните (земаме 1/3 зашто со додавање на чоколадото и вишните количината ќе се зголеми), се става во сад и се замрзнува.

Другиот ден имате бел сладолед со вкус на ванила кој мене ме потсетува на некогашниот еским и кафеаво-црвен сладолед, налик некоја варијанта на шварцвалд сладолед. Битно е што не треба да чекате малку да се пушти, туку веднаш се вадат кремасти топки домашен сладолед.

Процедурата не е толку комплицирана колку што е напишано, се следи постапката и тоа е тоа. Наместо чоколадо и вишни може да си додаде секој според својот вкус, јагоди, лешници, ореви, шумско овошје ...