Иванденско кравајче
Состојки
- 500 гр. брашно
- 5 лажици шеќер
- 1 лажица кафеав шеќер
- 1 кесичка ванилин шеќер
- 20 гр. пресен квасец
- 75 мл. масло
- 125 мл. вода (млака)
- 100 гр. тврди бонбони во боја
- за премачкување
- 2 лажици шеќер
- 1 лажица вода
- малку масло, малку кафеав шеќер
Подготовка
Традиционално за празникот Иванден во Прилеп сегогаш се прават кравајчиња,
се даваат на децата кои најмногу им се радуваат, посебно заради шарените бонбони односно ,,шарени шеќерчиња, како што се викаат тука.
Посебно бабите редовно прават кравајчиња за своите внучиња, секако со давање и некоја паричка. Јас ги правев за ќерките, посебно што помалата ќерка Ивана
задолжително ги бара (вели дека мора да има кравајче на нејзиниот именден).
1. Брашното се просејува, во него се става белиот, кафениот и ванилиниот шеќер, квасецот (издробен), маслото и се замесува со млаката вода. Се меси во сад додека да се соединат состојките, а потоа на подлогата на која се меси се тура малку масло, се измесува тестото и истото се прави уште 2 пати со по малку масло.
2. Се меси 15-20 минути додека да се добие мазно, средно меко тесто.
3. Се остава на топло да кисни околу 30 минути, после тоа пак се премесува убаво.
Се сечи на 4 топчиња од кои се формираат кравајчињата, се сплескуваат и се редат во намастен плех да киснат уште 30-тина минути.
4. На поднараснатите кравајчиња им се редат шарените бонбони кои се стискаат да подвлезат во тестото, се премачкуваат со масло и се ставаат да се печат на
170 степени 20 минути. Потоа плехот се вади од рерната, кравајчињата се премачкуваат со растопениот шеќер и вода (јас ги посолив и со малку кафеав шеќер), се враќа во рерна и се пече на 150 степени уште 10 минути.
Испечени, кравајчињата се попрскуваат со малку млака вода и се покриваат со крпа. По желба во тестото може да се стави рендана кора или сок од лимон (тоа е според вкус кој сака), а пред печење кравајчињата може одозгора да се посолат со сусам или афион.
Ова е само една варијанта задолжително посна и затоа се ставаат посни тврди бонбони (значи не млечни).
За многу години да е празникот Иванден, на кој се прославува раѓањето на Јован Крстител. Честит да им е именденот на сите што го носат неговото име.