Мока сладолед во чоколадни корпи
Состојки
- За сладолед
- 50 гр чоколадо
- 1 лажичка желатин
- 3-4 лажици кафеав шеќер
- 1 шоља јако кафе
- прстофат сол
- 1 ванилин шеќер
- 50 гр потпечени сечкани кикирики
- 410 гр или 375 мл кондензирано млеко
- 250 мл слатка павлака
- За корпите од чоколадо
- 250 гр чоколадо со 50 % какао (за готвење)
- 8-10 хартиени корпи за мафини
Подготовка
Во врска со тековната тема го направив овој комбиниран рецепт, кој со воодушевување беше прифатен од страна на моето семејство , а доби и многу позитивни коментари од драгите ни гости.
Рецептов го посветувам на мојот најстар син Александар кој е голем љубител на квалитетно кафе, кој несебично и многу реално го споделува своето искуство и чувство со вкусените и презентираните рецепти кои се готват во нашиот дом, односно мојот најголем фан и критичар.
Подготовка
Желатинот го растопуваме во 4-5 лажици вода.
Кафето го вариме и во него (можете без талог) го растопуваме чоколадото и го ставаме растопениот желатин и ванилиниот шеќер. Додаваме кафеав шеќер и прстофат сол, мешаме до хомогена смеса, па го ладиме.
Кондензираното млеко и павлаката ги соединуваме (не ги матиме).
Кикириките насечкани, ги пропржуваме без масло.
Двете смеси, чоколадната и смесата со млеко и павлака ги соединуваме , ги ставаме во погоден сад и потоа во замрзнувач.
Откако малку ќе стегне сладоледот ги додаваме и кикириките и благо промешуваме.
За корпичките го растопуваме чоколадото на многу тивок оган и со силиконска четка внимателно по страните и на дното ја премачкуваме секоја хартиена корпичка. Ја ставаме во замрзнувач. Откако убаво ќе стегне, ја повторуваме постапката уште еднаш и ги оставаме во замрзнувач. Откако убаво ќе стегне чоколадото внимателно ја отстрануваме секоја хартиена корпа.
Служиме чоколадна корпичка со по една топка сладолед.
Уживајте со своите!