Бурек пита со тиквички и сирење
Состојки
- 500 гр готови кори за пита
- 1 тиквичка
- 300 гр сирење
- 4 јајца
- сол, црн бибер и малку оригано
- 250 мл газирана или обична вода
- 100 мл масло
Подготовка
Издробете го сирењето и измешајте го со јајцата. Додадете ја тиквичката изрендана. Доколку е млада рендајте ја со се кора.
Во зависност од вкусот и соленоста на сирењето, посолете, а по желба додадете црн бибер и прстофат до 2 оригано. Овде и зачините не се обавезни.
Измешајте ја водата со маслото заедно (соодносот и количината можи да си ја прилагодите по потреба и желба). Попрскувајте ја секоја кора со оваа течност. Убаво е да користите тркалезна тенка тепсија 32 број. Овде е малку повисока, печена во калап бр 28.
Најпрво наредете 2-3 кори, дозволувајќи им да висат од ивиците. Потоа редете по 2 кори згужвани. Филот поделете го на 2 дела и пребројте ги корите за да можи да го ставите на 2 пати во средина. Пред да нанесете од филот, ставете повторно 2 кори рамно и да висат од ивиците, како на почетокот. На крај, завршете исто така со рамна кора и врз неа превиткајте ги обвиснатите кори. Не заборавајте помеѓу секоја кора да попрскувате од мешавината масло и вода. Одозгора попрскајте уште неколку лажици и ставете да се печи на 200 степени, околу 20-30 мин. зависно од рерната.
Кога малку ќе подолади, превртете го однопаку, исечете го на осминки и послужете го топол со чаша ладен јогурт.
Благодарам за идејата на мојата пријателка Мубера.