Солена торта со пиперки
Состојки
- Тесто
- 3 јајца (величина XL)
- 150 мл. јогурт
- 75 мл. масло
- 1 чаша од 180 гр. брашно
- 1/2 чаша од 180 гр. кикирики (печени, мелени)
- 1/4 лажичка пециво
- 1/4 лажичка сода бикарбона
- 1/2 лажичка оригано
- 1/2 лажичка црвен пипер (за во едната половина од тестото)
- по вкус малку сол и црн пипер
- 10 - 12 црвени пиперки (печени, излупени)
- презла за посипување на пиперките, мешан сув зачин, масло
- Фил
- 100 гр. фета сирење
- 100 гр. бело мешано сирење
- 1 лажица кисела павлака 20 %
- 50 гр. пилешка салама (ситно изрендана)
- 1/4 лажичка оригано
- 1/4 лажичка ѕаѕики микс
- 1 мала киска магдонос (исечкан)
- За премачкување
- 100 гр. фета сирење
- 1 лажица кисела павлака 20 %
Подготовка
Оваа солена торта ја правев за роденденот на сопругот.
Пиперките кои ги додадов надвор од рецептот, убаво се вклопија и тортата испадна доста вкусна (придонес имаше и ѕаѕики миксот).
1. Најпрвин црвените пиперки се печат, се лупат и се цедат.
Кога се добро исцедени една по една се посолуват со презла и се оставаат да стојат уште малку, потоа се подзапржуваат, се посипуваат со мешан сув зачин и се оставаат да се изладат.
2. Потоа се прави тестото.
Пенасто се матат јајцата, се додаваат постепено течните, па сувите состојки и зачините. Смесата се дели на 2 еднакви дела во 2 исти чинии. Во едниот дел се додава црвениот пипер, се мати малку да се изедначи и се истура во калап за торта или тавче (обложени со хартија за печење) со пречник од 22 см.
Се печи на температура од 170 степени околу 25 минути.
Потоа исто така се печи и другиот жолт дел.
3. Филот се прави од наведените состојки добро мешајќи ги со вилушка додека да се зедначи смесата.
4. Првото изладеното тесто (со црвен пипер) се става во чинија, се распоредуваат половина од испржените и изладени црвени пиперки, па врз нив се распоредува филот. Врз филот се реди втората половина од црвените пиперки, и врз нив се става второто жолто тесто.
Пиперките може да се распоредат исечкани на поситни парчиња.
5. Фета сирењето се меша добро со павлаката и со смесата се премачкува солената торта. Се декорира со маслинки, магдонос или друго според вкус.
Се става во фрижидер и се служи како ладно предјадење.
Тестото може да се испече и одедаш (со или без црвен пипер), па потоа да се пресече попречно на 2 дела.
Во филот или во смесата за премачкување може да се стави и потпечен сусам
(цел или мелен) или други состојки според вашиот вкус.