Испечати

Бухтли со цреши

Бухтли со цреши

Состојки

  • за квасот
  • 20 гр. пресен квасец
  • 50 мл. топло млеко
  • 1 лажичка шеќер
  • за тесто
  • 200 гр. брашно
  • 2 лажици омекнат путер/маргарин
  • 2 лажици шеќер во прав + 1 ванилин шеќер
  • 1 изрендана кора од лимон
  • 1 јајце (изматено)
  • 50 мл. топло млеко
  • за фил
  • 30 цреши (без коски)
  • 1 лажица шеќер
  • 1 лажица гриз
  • малку топло млеко за премачкување, шеќер во прав

Подготовка

Покрај солените, ги обожавам и благите бухтли, првично дека се прават брзо, а секако и се многу вкусни.
Овие слатки топчиња имаат интересен вкус комбинација на лимон и цреши, секако лимонот не е задолжителен.

1. Најпрвин црешите се мијат, им се чистат коските, се става шеќерот и гризот
(гризот ќе го впие сокот од црешите, бухтлиците ќе бидат сочни, а сокот нема да истече на страна).

2. Квасецот се дроби, му се става шеќерот и топлото млеко, се остава да нарасне.

3. Брашното се меша со шеќерот во прав и ванилиниот шеќер, се додава омекнатиот путер/маргарин, лимоновата кора, изматеното јајце и нараснатиот квасец. Сето добро се замесува постепено додавајќи го топлото млеко додека да се добие мазно тесто.

4. Тестото се остава да се дуплира, а после се премесува на набрашнета површина, по потреба се додава малку брашно (но не многу), се рассукува во кора дебела околу 3 мм. Се сечат кругови со чаша (јас користев со пречник од 6 см),
во секое кругче се става по една цреша, се затвора топчето и се става со споениот дел долу на намастеното тавче.
Бухтлиците се редат една до друга во тава ( користев бр.26) оставајќи малку растојание помеѓу секоја.

5. Се остава бухтлите да нарастат, се премачкуваат со малку топло млеко во кое има додадено малку шеќер, се печи на 200 степени 10 минути, а потоа на 180 степени уште 10-15 минути.
Изладени се посипуваат со шеќер во прав и се послужуваат.

Со овие состојки добив 30 бухтли. Исто ќе ги правам и со вишни штом излезат,
а спомнав дека лимонот може и да се изостави.