Посни триаголници
Состојки
- 500 гр готови кори за пита
- 1 коцка (40 гр) свеж квасец
- 1 мала лажичка шеќер
- 5 лажици брашно
- 75 мл млака вода
- 100 мл кисела вода
- 100 мл масло
- 1 мала лажичка сол
- за фил
- 4 млади кромитчиња
- 300 гр исчистен спанаќ
- по вкус сол, бибер, мешан сув зачин
- по потреба сусам, лупен сончоглед
Подготовка
Вкусно крцкави се овие триаголници, па плус и ако постите полн погодок за убав доручек или вечера. Подготовката им е многу едноставна зошто се со готови кори и буквално додека се загрева рерната тие се веќе спремни за печење.
Подготовката е следна
1. Во подлабок сад ставете ја коцката квасец со лажичка шеќер и 2 лажици брашно. Додајте ја и млаката вода и убаво промешајте да не останат грутчиња и оставете 10-15 мин квасецот да нарасне и да се активира
2. Спанаќот исчистете го и иситнете го на помали парченца. Обарете го кратко време и исцедете го од вишокот вода.
3. Во тава за пржење на оган на малку масло подзапржете ги ситно исецканите млади кромитчиња. Откако малку ќе омекнат , додајте го и спанаќот. Зачинете по вкус и оставете филот да се подизлади
4 Во нараснатиот квасец додајте ја киселата вода, маслото и 3 лажици брашно. Додајте и лажичка сол. Убаво промешајте ја смесата да се изедначи
5. Корите поделете ги на 3 ленти. За еден триаголник потребни се три ленти. Врз секоја од лентите ставете по една лажица од добиената смеса со квасец и брашно. Размачкајте со четка и редете ги лентите една врз друга. На последната кора ставете од филот со спанаќ и свиткајте триаголник.
6. Готовите триаголници редете ги во плех за печење. Повторувајте ја постапката додека не ги потрошите сите кори. На крај со дел од смесата премачкајте ја горната страна на секој тријаголник и наросете сусам и сончоглед или семиња по желба. Печете на 180-200 степени додека не заруменат ( околу 20 мин ).
На здравје нека е