Испечати

Домашно чоколадо

Домашно чоколадо

Состојки

  • 100 мл вода
  • 400 гр шеќер
  • 1 ванила шеќер
  • 1 рендана кора од портокал
  • 200 гр путер
  • 40 гр какао путер
  • 100 гр какао
  • 250 гр млеко во прав

Подготовка

Водата, шеќерот и ванилата ставете ги на умерен до засилен оган да се загреваат. Откако шеќерот ќе се растопи, додадете ја кората од портокал и варете околу 3 минути. Исклучете ја ринглата и додадете ги путерот и какао путерот. Мешајте додека се стопат па тргнете од рингла.
Доколку немате какао путер, додадете уште 50на гр путер.

Измешајте ги какаото со млекото во прав и со помош на миксерот додадете ги во течната смеса.

По желба во чоколадото можи да додадете јаткасто и суво овошје или пак да издробите суви колачи или бисквити.

Истурете го во намастен или обложен калап со пек-хартија со димензија 25х25, односно, изберете онаков колку што сакате да има дебелина чоколадото. Колку е потенко, толку полесно и побрзо се суши. Исто така, можи да го истурите и во силиконски калапчиња и да добиете чоколадца со форми.

Чоколадото има ненормално добар вкус, сигурна сум дека секој ќе ужива, но структурно не е така цврсто како што се очекува, ами повеќе се однесува како карамела. Веројатно тоа што јас го заменив путерот со маргарин, се одрази и на структурата на финалниот производ. Доколку е топло времето и првите 3 дена има тенденција да се тегни како карамела. Друга работа е советот, да сте стрпливи при варењето на шербетот. Моја препорака би била да се истури со околу еден прст дебелина калап, да се стави во фрижидер преку ноќ или за побрзо во замрзнувач и потоа да се исечи на коцки, кои ќе ги ставите во хартиени корпиња. Чувајте ги на ладно или еден период промајно место за да си ја оформат структурата.