Испечати

Бабини тортици

Бабини тортици

Состојки

  • за тесто
  • 4 јајца
  • 6 големи лажици мед
  • 400 гр шеќер
  • 200 гр мелени ореви
  • 2 мали лажички сода бикарбона
  • 650-700 гр брашно
  • за фил
  • 1 кг млеко
  • 1 кесичка ( 200 гр) густин
  • 200 гр шеќер
  • 250 гр маргарин (или путер)
  • за глазура
  • 150 гр темно чоколадо за готвење
  • 50 гр бело чоколадо
  • неколку лажици масло

Подготовка

Пред некој ден бевме на гости и не почестија од оваа вкусотија. Толку многу ми се допаднаа тортиците што цел пат ги зборувавме во кола до дома. Епа Еми секоја чест што чуваш вакви рецепти и што несебично ги делиш со мене. Тестото е скоро идентично со медените сваќи што се веќе објавени тука ама еве нека стои и една збогатено-филеста варијанта. Постапката е следна

1. Јајцата ги кршиме во сад за матење. Го додаваме и шеќерот и матиме додека не се згуснат. Во садот ги додаваме медот мелените ореви и содата. Постепено додаваме брашно. Најпрво смесата ја мешаме со лажица а потоа кога ќе згусне ја месиме со рака. Тестото треба да е меко и малку лепливо. Во поголем плех за печење, ставете хартија и полека нанесете го тестото- рамномерно во кора. Мојот беше со големина 45*35 см. Ако немате толку голем ќе добиете малку подебело тесто од оваа доза и не мора да го преклопувате туку може само во еден дел- тесто, фил, па глазура или преполовете ја дозата.
2. Печете на 170-180 степени околу 20-25 мин

3. Во меѓувреме подгответе го филот. Во сад на оган ставете половина од млекото и 200 гр шеќер да проврие. Во останатото млеко растворете го густинот, да не останат грутчиња и постепено додавајте го во зовриеното млеко. Варете додека кремот не се згусне. Оставете убаво да се излади
Во сад за матење пенесто изматете го маргаринот и додавајте постепено од сварениот крем со густин. Убаво миксирајте додека смесата не се изедначи.

4. Испеченото тесто поделете го на два дела или ако е многу високо ставете го во една кора. Врз тестото нанесете го рамномерно филот и преклопете со другата половина. Оставете филот да се стегне а тестото да омекне.

5. Ако сакате да го украсувате со глазура од чоколадо, ставете на пареа 150 гр темно чоколадо со 3-4 лаживи масло да се растопи. Во друг сад растопете го и белото чоколадо со лажица масло. Прелијте го колачот со темно чоколадо и украсете со белото. Ако баш немате време и само посипен со шеќер во прав е превкусен. Оставете да преноќи и сечете тортици со големина по желба.

На здравје