Испечати

Солена розенка со бел намаз и уште нешто

Солена розенка со бел намаз и уште нешто

Состојки

  • 1 паковање готови розен кори
  • намаз
  • 450-500гр урда или сирење
  • 400гр кисела павлака и 2 лажици мајонез
  • 2 варени сецкани моркови
  • 300гр бело варено месо( најситно сецкано)
  • сол, триена сол, бел бибер,
  • 300гр бланширан исцеден спанаќ
  • 2-3лажици кисела павлака
  • 300гр свинска четвртаста шунка
  • 300гр ленти млечен кашкавал

Подготовка

Многу, многу вкусна и декоративна солена торта.
Излегуваат околу 60 штангли.

Во вангличка се соединуваат со миксер павлаката, мајонезот, урдата. Се зачинуваат по вкус.
Се додаваат ситно сецканото бело месо и ситно сецканиот варен морков.
Убаво се промешува. Можеби ќе ви се чини дека е редок филот, но не се секирајте, корите тоа го сакаат. Убаво ќе си го впијаат филот и тортата се топи во устата.
Сега се зема еден лист од солените розен кори.
Се премачкува со 2-3 лажици од намазот. Врз него се ставаат ленти шунка.
Сега се премачкува вториот лист розен и така премачкан се преклопува врз шунката. Се притиска со раката убаво.
Повторно се става намаз, па се редат ленти кашкавал.
Сега со намаз се премачкува третиот лист обланда и со намазот се преклопува кашкавалот.
Пак се става солена розен кора.
Се притиска со рацете.Се става намаз од соединетите 2-3 лажици павлака и бланширан ситно сецкан спанаќ.
Убаво се премачкува.
Се става лист кора, па намаз, па шунка, па лист со превртениот дел намаз, па намаз, па кашкавал и так уште една кора.
Се притиска со тежок предмет и се остава во фрижидер 2 часа, да се излади и стегни..
Изладена се премачкува со 2-3 лажици кисела павлака, се сечи на штангли и се декорира по желба.

Јас се извинувам што не успеав да направам една главна фотографија, каде беше исечена на штангли и декорирана.
И ми остана еден лист розен кора.
Значи пожелно е првиот лист да е само со намаз, па кора, па потоа намаз, шунка.
Во моментот кога ја правев, имав непријатна случка, ми се запали машината за миење тајнири, ме фати паника, гледав да ја спасам во фрижидер неа, а потоа да ја исклучам струјата, ха, ха.
Простете што нема главна фотографија, но ја има заедно во прилог со другите ладни предјадења од мојот труд за матурскаат вечер.