Чизкејк со боровинки и јагоди
Состојки
- За пандишпан
- 4 јајца
- 4 лажици брашно
- 4 лажици шеќер
- 1,5 лажици какао
- 2 лажици масло
- 1 пециво
- За фил
- 360 гр маскарпоне
- 200 гр шеќер во прав
- 250 мл слатка павлака
- 12 гр желатин
- 100 гр боровинки
- 1 лажица лимонов сок
- 100 гр јагоди
- 7-8 лажици шеќер
- 1-2 лажици густин
- За прелив
- 250 гр јагоди
- 12 лаж шеќер
- 10 гр желатин
- 100 мл чоколадно млеко за топење на тортата
Подготовка
За љубителите на ваков вид колач ја подготвив оваа варијанта, која иако има долг список на состојки и не е толку тешка за подготовка.
Подгответе го за да уживаат сите околу вас, ама и вие сладете се!
1. Јајцата ги матиме со шеќерот да се дуплираат, односно до светло жолта боја, а маталките од миксерот да оставаат траги при матење. Какаото, брашното и пецивото ги просејуваме, ги додаваме заедно со маслото и промешуваме. Смесата ја ставаме во намрсено делимано тавче или на хартија за печење, а тавата да е со бр. 26. Печеме на 180 степени околу 10-18 минути. Оставаме да се лади па го влажниме со чоколадно млеко.
2. Боровинките со многу малку вода (може и некоја лажица шеќер да ставите доколку сакате) ги ставаме на оган да провријат, на крајот го додаваме лимоновиот сок, промешуваме.
За делот со јагоди, јагодите ги ставаме со шеќерот да провријат (околу 10 минути), па откако ќе добијат одредена густина ставаме 1-2 лажици густин растворени во малку вода. Интензивно мешаме за да добиме смеса налик на мармалад. Оставаме да се лади.
3. Ја матиме слатката павлака со половина од шеќерот во прав. Желатинот го потопуваме во 50 мл вода, па го загреваме на пареа или на тивок оган (не дозволувајте да проврие). Растопениот желатин го ставаме постепено со постојано мешање со миксер во слатката павлака.
Со останатата половина шеќер во прав го матиме маскарпонето. Ги соединуваме слатката павлака и маскарпонето и оваа смеса ја делиме на две половини.
4. Во едниот дел од филот ставаме боровинки (без течноста), а во вториот дел смесата со јагоди (може и не цела). Потребно е да се добие убава боја, па поради тоа можеби нема да има потреба да се става цела смеса, а можеби и ќе треба, зависи од вас.
5. Врз пандишпанот го редиме прво филот со боровинки, па филот со јагоди и ја оставаме во фрижидер.
6. Преливот од јагоди го подготвуваме на оган и тоа јагодите и шеќерот со 30 мл вода ги ставаме на оган да вријат некои 10 минути. Желатинот го раствораме во 50 мл вода да набабри, па го ставаме на пареа да се растопи, а може и на тивок оган, значи да не врие. Откако ќе провријат јагодите ги тргаме на страна и со мешање го додаваме растопенот желатин. Преливот го ладиме до собна температура и со него ја прелеваме тортата. Бидејќи е ладна веднаш се стега, па може веднаш и да се почестите со неа.
Забелешка
Доколку имате тавче со обрач најлесната варијанта за редење на филот е со него. Јас овој пат не го искористив моето, па внимателно го распоредував филот, прво делот со боровинки, па делот со јагоди врз него. Оставете да се стегне во фрижидер. Јас го правев навечер, па утредента му ставав прелив.
Бојата на делот со боровинки треба да биде поинтензивна, значи виолетова, што не е случај кај овој чизкејк, ама малишаниве ги начекале боровинките и додека јас се освестив веќе беа повеќето полапани =)
Рецепт за домашно маскарпоне имате овде http://moirecepti.mk/post/%D0%B4%D0%BE%D0%BC%D0%B0%D1%88%D0%BD%D0%BE-%D0%BC%D0%B0%D1%81%D0%BA%D0%B0%D1%80%D0%BF%D0%BE%D0%BD%D0%B5-%D1%81%D0%B8%D1%80%D0%B5%D1%9A%D0%B5