Бисквит мечиња
Состојки
- 150 гр брашно
- 1/2 мала лажичка пециво
- 100 гр шеќер во прав
- 1 кесичка ванилин шеќер
- 1 жолчка
- 1 голема лажица млеко
- 100 гр путер (собна температура)
- 50 гр непечени бадеми
Подготовка
Идејава за мечињава одамна ја видов на една страна на интернет и целата слика ми се вклопи кога за подарок добив модличка од мече. Можете да замислите колкава радост беа овие колачиња за дечкиве по дома. Составуваа приказни со нив, ги редеа едно до друго и на крај полнеа и мешиња со вкусниве бисквити. На радоста и немаше крај. Барав соодветен рецепт некое време за да не нараснуваат колачињата многу и за да не се изобличи формата на мечињата па еве како оди подготовката
1. Во подлабок сад за матење ставете го омекнатиот путер и шеќер во прав. Со миксер убаво соединете ги состојките. Додајте ја жолчката, ванилиниот шеќер, и една лажица млеко. Повторно миксирајте. На крај додајте го брашното помешано со пециво.
2. Со рака измесете убаво глатко тесто. Ставете го во најлонска фолија и оставете го кратко во фрижидер.
3. Изладеното тесто со сукалка развлечете го во кора отприлика со дебелина од 4-5 мм и со модличка на мече формирајте ги бисквитите. Во средината на секое мече ставете по еден бадем и преклопете го благо со рацете од мечето. Со чепкалка за заби обележете ги очињата и носето на секое мече.
4. Печете кратко на мојава рерна печев 10 мин на 170-180 степени. Бисквитите треба да останат бели и да не ја променат бојата. После печењето изгледаат меки ама со ладење си се стврднуваат.
На здравје