Испечати

Брзи колачиња со путер од кикирики (без печење) (посно)

Брзи колачиња со путер од кикирики (без печење) (посно)

Состојки

  • 1 шоља путер од кикирики (240 грама кикирики)
  • 170 гр. шеќер
  • 1 шоља млеко или вода за посна варијанта
  • 3 шољи овесни снегулки (250гр)

Подготовка

Се приготвува за буквално 15 минути, совршено за тие што се вљубени во карамел и путер од кикирики.
Додека барав рецепти, налик на овој, се пикнав во кујна и сама го смислив. Морам да си се потапкам сама по рамо,бидејки од експеримет излезе совршенство. Дури и Шеќерко мој кој што не сака ни да погледне путер од кикирики многу го бендиса :)

Во сад на оган ставете го шеќерот да се топи додека да се карамелизира. Во друг сад ставете го млекото да зоврие.
Прелејте ги овесните снегулки со малку врело млеко, а остатокот од млекото додадете го во карамелизираниот шеќер. Нека се растопи убаво карамелот, па додадете го путерот од кикирики. Промешајте убаво да се изедначи и додадете ги снегулките.

Во садот во кој што сакате да го формирате колачето постелете хартија за печење и врз неа нанесете ја смесата. Измазнете и оставете во ладилник.

Не очекувајте дека ќе се стврдне многу, но ќе биде доволно за да се сече без проблем.

Доколку сакате со дел од карамелот можете да направите капки на хартија за печење, па кога ќе се оладат да ги додадете во смесата. Поубаво ќе биде кога ќе крцкаат.

Мерката шоља е мерица CUPS (240мл), ама мислам дека не се убаво обележани тие мерици, затоа мерев и ги допишав мерките во грамови.