Чоколаден тарт-фантазија
Состојки
- за тесто
- 90 гр шеќер во прав
- 235 гр брашно
- 115 гр ладен путер на коцки
- 1 цело јајце
- 1 жолчка
- за фил
- 250 мл млеко
- 120 гр темно чоколадо
- 2 големи лажици шеќер
- 1 јајце
- 1 голема лажица нишесте
- 1 голема лажица таан
- 1 голема лажица путер од кикирики
Подготовка
1. Промешајте го брашното и шеќерот во подлабок сад за матење. Додајте го ладниот путер исечен на помали коцки и месете додека не добиете мешавина што изгледа како презла, а притоа убаво да се соедини путерот и брашното и да не останат поголеми грутчиња.
2. Во друг сад изматете го јајцето и една жолчка и додајте ги во садот со брашното. Промешајте, прво со виљушка, а потоа со рака и замесете глатко тесто. Јас зошто сакам тартот да има потенка коричка ова тесто си го делам на 2, едниот дел веднаш го користам, а другиот го замрзнувам за наредна употреба. А вие кој како си милува одредете сами која дебелина сакате да ви е кората, па така и правете. Така измесеното тесто оставете го најмалку 2 часа во фрижидер.
3. Во меѓувреме подгответе го филот. Во сад на тивок оган загрејте го млекото (не треба да врие) и искршените парченца чоколадо. Постојано мешајте додека да се растопи чоколадото. Во друг сад изматете го преостанатото јајце со шеќер и нишесте и додајте го таанот и путерот од кикирики. Убаво соединете ја смесата. Дел од топлото чоколадно млеко турете во садот со јајцата и потоа целата смеса вратете ја во садот на оган. Варете го кремот на тивко до згуснување околу 5 мин.
4. Тестото кое стоело во ладилник развлечете го со сукалка во големина на садот во кој ќе го печете тартот. Со виљушка избоцкајте го тестото на неколку места. Истурете го кремот врз тестото и печете на 180 степени 25-30 мин. Оставете да се излади и послужете го.
На здравје нека е