Испечати

Погача со мелено месо

Погача со мелено месо

Состојки

  • 300 гр, месо
  • 1 помала глава кромид
  • 1 чешне лук
  • 30-40 мл. вода
  • 1/2 пилешка коцка
  • на вкус бибер, сол
  • околу 100 гр. кашкавал
  • Тесто
  • 500 гр. брашно
  • по 125 мл. млеко и јогурт или кисело млеко
  • 20 гр. квасец
  • 1 лажица шекер
  • 1 лажичка сол
  • 1 помало јајце
  • 70 мл. масло
  • За премачкување
  • 1 жолчка
  • 1 лажица млеко
  • 20 гр. маргарин или маслац

Подготовка

Планот ми беше да спремам бурек, но во последен момент се одлучив за оваа погача која требаше да заличи на некој цвет... ама требаше.
Припремата е проста и едноставна, сосема лесна..
Филот од меленото месо
- Изрендајте го кромидот на ситно или ситно исецкајте, лукот стиснете преку преса (не е задолжителен ако некој не ја сака оваа комбинација нека го изостави). Додадете го биберот, во водата растворете ја коцката за буљон и додадете во месото. Измешајте добро, пробајте дали ви е солено и оценете сами дали ќе додадете сол. Целото ова добро треба да го измесите и оставете настрана.
Тесто
- Загрејте го млекото добро. Додадете го во јогуртот или киселото млеко за да стане заедно една млака состојба, додадете квасецот и растворете го. Додадете го и јајцето. Замесете тесто додавајки постепено од брашното, домесете со маслото. Оставете да стаса.
- Кашкавалот изрендајте го.
- Откако стасало расукајте кора во дебелина од околу 3 мм. и со модла од 7-8 мм. вадете кругови. На секој круг ставете по 1 лажичка од меленото месо, посипете одозгора со кашкавал, преклопете го тестото еднаш, па уште еднаш од лево кон десно. Стиснете ги краевите, исправете го и редете во тавка бр.28. Така со сите кругови од тесто. Оставете да стаса.
Стасано премачкајте го со жолчката изматена со млекото.
- Нека се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 15 мин, потоа намалете на 170 степени и нека се пече уште 15 мин. зависно од рерната.
Откако е печено извадете од рерната и премачкајте ја веднаш погачата со стопениот маргарин.

Напомена
- Кај мене се точно по рецептот, доволно и течните состојки и брашното. Точно беше тесто за д се наполни тава бр.28
- За да ви биде полесно при расукувањето на кората, тестото поделете го на два дела.