Комбинирано топено сирење
Состојки
- 2 варени јајца
- 100 гр печеница
- 100 гр урда
- 50 гр козјо сирење
- 50 гр мешан кашкавал
- 4 спакувани парчиња топено сирење (зденка)
- 2-3 лажици кисела павлака
- 2-3 лажици маслиново масло
- оригано, бибер, буковец по вкус
Подготовка
Комбинација на повеќе сирења и додатоци ама крајниот резултат беше ептен вкусен. За да го добиете оригиналниот вкус на овој рецепт пожелно е да имате глинена тава.
1. Рерната ја вклучуваме на највисока температура.
2. Дното на тавата ја намрсуваме со масло и прво ја редиме урдата. Врз неа ставаме половина од свинската печеница исечкана на коцки, па рендаме сирење.
3. Врз сирењето ги сечкаме варените јајца на кругови, па остатокот од печеницата.
4. Ги ставаме зденките исечени на половина по должина. Рендаме од кашкавалот и од околу ја ставаме киселата павлака.
5. Залеваме со 2-3 лажици маслиново масло и додаваме зачини по желба.
6. Ја ставаме тавата во рерна и откако ќе се стопи кашкавалот и зденките ќе омекнат и ќе ја сменат формата ја вадиме тавата. Околу 5-10 минути се потребни за да се постигне ова.
Оваа порција е доволна за двајца.
Забелешка
Редењето на продуктите е произволно.
Сирењата одберете си ги сами. Можете на местото на урдата да ставите фета сирење.
Следниот пат ќе го исклучам кашкавалот, затоа што кога малку ми подолади порцијава и кога беше одлична за јадење, тој се стегна како корка. Впрочем ќе користам, ама некој кашкавал што ќе остане стопен и кога е малку подизладен.
Пријатен апетит со ова исклучително мезе!