Топчиња од бадеми со фил
Состојки
- смеса за фил
- 2 тврдо варени жолчки
- 80 гр шеќер во прав
- 80 гр путер (собна температура)
- 1 лажица рум
- за кафеава смеса
- 150 гр мелени бадеми
- 150 гр шеќер во прав
- 50 гр темно чоколадо
- 1 лажица рум
- за украсување
- 50 гр чоколадо за готвење
- малку мелени бадеми
Подготовка
Одамна им се спремам да ги подготвам овие бомбици со фил од варени жолчки и еве конечно си го дочекаа својот ред. Многу се убави, а и брзо се спремаат. Подготовката оди вака
1. Најпрво подгответе ја смесата за фил за да заштедите на време. Тврдо сварените жолчки испасирајте ги низ цедалка. Јас овој пат ставив три зошто помали беа јајцата. Во садот додајте го шеќерот во прав, омекнатиот путер и рум. Со виљушка убаво соединете ги состојките. Оставете ја смесата во фрижидер неколку минути додека ја подготвувата кафеавата смеса, за полесно да ги формирате топчињата од жолчки.
2. Во поголем сад ставете ги мелените бадеми, ренданото чоколадо и 150 гр шеќер во прав. Додајте и една лажица рум. Со една белка од живо јајце замесете ја смесата. Од око утврдете ја густината да не е премногу песоклива, ниту пак да е течна , за да може убаво да се формираат топчињата. Ако ви фали течност постепено со мала лажичка додавајте топла вода.
3. Од веќе изладената жолта фил-смеса формирајте мали топчиња. Оставете ги и нив уште малку во фрижидер
4. Од кафеавата смеса исто се формираат топчиња, на број оноку колку што сте направиле и жолти. Отприлика од 25-30 зависно од тоа колкави сакате да ви бидат бомбиците. Секое кафеаво топче се расплескува на дланката и во средината се става од изладениот жолт фил. Се обликува бомбица. Истата постапка повторете ја додека не ги обликувате сите бомбици.
5. Чоколадото растопете го со малку масло и со лажичка нанесете го врз секоја бомбица. Украсете со мелени бадеми.