Интегрална пита со варени јајца и брокула
Состојки
- Тесто:
- 150 гр. интегрално пченично брашно
- 150 гр. меко пченично брашно
- 60 мл. маслиново масло
- 170-200 мл. вода
- 1 лажичка сода бикарбона
- 1 лажичка сол
- Фил:
- 330 гр. брокула
- 3 чешниња лук
- 70 гр. пченка (од конзерва)
- 6 варени јајца
- 2 јајца
- 100 гр. кисела павлака
- 1 лажичка сол
- 1/2 лажичка шарена сол
- 1/4 лажичка куркума
- 1/4 лажичка црн пипер
- За одозгора на питата:
- 1 лажичка сенф (за премачкување со жолчката)
- малку сусам и афион
Подготовка
Овој рецепт е интересен по самата комбинација на состојки и вкусови кои се надополнуваат едни со други во конечен вкус. Оригиналниот рецепт не содржеше пченка и дел од мирудиите, јас ги додадов и излезе убаво.
~ Подготовка ~
1. Во подлабок сад се мешаат двата вида брашно, солта и содата бикарбона. Се додава маслиновото масло и водата постепено додека не се добие тесто за пита.
2. Тестото се замесува добро и по потреба се става помалку или повеќе вода зависно од брашното. Се додава бело брашно ако тестото лепи. Формираното тесто се става во најлонска фолија во фрижидер 30 минути.
3. Се варат 6-те јајца тврдо и се лупат.
4. Брокулата се мие, се чисти, цветовите се бланшираат на пареа околу 5 минути, се цедат. Се сечкаат на помали парчиња, се ставаат во сецко заедно со лукот и дел од пченката и се блендира сето заедно, но не премногу ситно.
5. Во длабок сад се меша изблендираната смеса, павлаката, останатата пченка, 1 цело јајце, 1 белка (жолчката се остава за премачкување), солта, црниот пипер, шарената сол, куркумата, и добро се меша смесата.
6. Тестото се дели на 2 НЕеднакви дела. Поголемиот дел се развлекува во танка кора и се става во тава бр.26 подмачкана со маргарин, но да има тесто и по страните во висина.
7. Мал дел од филот се става внатре, варените јајца се редат цели и се дополнува остатокот од филот. Вториот дел од тестото се развлекува танко и се става врз јајцата. Страниците од првото тесто се прават како витка.
8. Жолчката од 1-то живо јајце се меша со сенфот и се премачкува питата. Се посолува со сусам и афион. Со малку од тестото направив ливчиња за декорација на горниот дел од питата. Се печи на 200 степени околу 30 минути. Питата се служи и топла и ладна.
Интегрална пита со комбинирани вкусови која вреди да се проба. Лукот дава интересен шмек, нормално по желба може да се изостави, но незнам каков ќе е вкусот.
Ако не сакате да имате вака малку ,,грбава,, пита, ха ха ха, јајцата може да ги исечете наполу, па питата ќе биде порамна.
На здравје!