Солена празнична торта
Состојки
- Тесто
- 5 јајца
- 5 лажици брашно
- 1/2 пециво (помешано во брашното)
- 200 мл. кисела павлака
- 3-4 лажици ајвар
- 1 фил
- 2 лажици павлака
- 1 лажица мајонез
- 2 изрендани жолчки (тврдо варени)
- 1/2 лажиче куркума
- 2 кисели крставички (1 рендана, 1 сечкана)
- 2 тврдо варени јајца (за редење врз филот)
- 2 фил
- 2 лажици павлака
- 1 лажица мајонез
- 70 гр. пилешка салама (дел изрендана, дел исечкана на коцкички)
- 3 лажици кечап
- 3 фил
- 3 лажици павлака
- 70 гр. бело сирење (рендано)
- 1 + 1/2 изрендана белка (тврдо варена)
- 1/2 изрендана белка за врз тортата
- за декорација
- павлака, кисели крставички, кругови кисели моркови, магдонос, кругови варено јајце
Подготовка
Декоративна и вкусна солена торта, која иако има повеќе состојки, сепак вкусовите се поддржуваат и се надополнуваат еден со друг.
Најдобро е да се прави пред еден ден за тестото да ги прими добро филовите.
Згодна за празници и родендени.
~ Подготовка ~
1. Најпрвин се прави тестото така што се матат јајцата со малку сол, па се додаваат останатите состојки. Смесата добро се меша и се тура во правоаголен плех кој се намастува (јас печев во Делимано Ростер тавата која не бара намастување).
Тестото се пече на 180-190 степени околу 20-25 минути. За тоа време се варат јајцата и се ладат.
Изладеното тесто го исеков на 3 еднакви ремени по должина, а ширина од 8 см.
2. Се мешаат добро состојките од првиот фил и се нанесува на првиот ремен. Одозгора се редат танко исечените кругови од двете варени јајца.
3. Вториот ремен се става врз распоредените варени јајца, се мешаат состојките од вториот фил и се нанесува врз него.
4. Третиот ремен се става врз вториот фил, се мешаат состојките од третиот фил и се нанесува. Во филот се ренда 1 цела и 1/2 белка, а другата половина белка се ренда одозгора врз филот. Вака изренданата белка ја прави тортата да изгледа како снежна. Се става во фрижидер до наредниот ден.
Се декорира по желба и се чува во фрижидер.
Јас секогаш користам 20 % павлака и за во филовите и за во салати.
Да напоменам дека тестото со ајвар е од мојата снаа Даниела, која истото го прави како ролат или солен колач, но со друг фил.