Испечати

Полнети лепчиња (кифлички) печени со презла

Полнети лепчиња (кифлички) печени со презла

Состојки

  • Тесто
  • 1 кг брашно
  • 40 грама свеж квасец
  • 3 лажици шеќер
  • 500мл млако млеко
  • 3 лажици сол
  • Дополнително
  • 250гр путер или маргарин
  • по потреба презла
  • За полнење
  • мармалад, еурокрем, пудинг или солено исто по желба

Подготовка

Убаво меко тесто, со посебен шмек од путерот и презлата. Полнењето е по желба. Може да биде благо или солено бидејки тестото е неутрално.
Кажете ѝ фала на другарка ми, Бејковска битолчанката што ја мрзи да става рецепти на Мои Рецепти, а готви феноменално и ќе се јави со коментар обавезно =))

Квасецот растворете го во малку млако млеко. Според правилата треба да се стави во малку млеко со брашно и шеќер и да се чека да стаса, ама јас тоа одамна престанав да го правам, од како сфатив дека комплетно исто ми се фаќа ако го ставам нестасан во тесто и си стасува заедно со целото тесто.

Од сите состојки за тесто замесете убаво меко тесто и оставете го да стаса.
Од како ќе стаса премесете го и поделетео го на мали топчиња, големи на по желба. Другарка ми Бејковска вика окулу 30 грама.
Јас ги правев од око, со *неверојатниот принцип* пола на пола, па пак на пола и така се додека не добијам топче со големина по желба.
Топчето развлечете го малку со рака, наполнете од филот и убаво спојте ги краевите да не истече фил.
Потопете го во растопен путер или маргарин, извалкајте го во презла и наредете ги сите топчиња во садот во кој што ќе печете.
Вклучете ја рерната на 200 степени да се загрее, а за тоа време оставете ги топчињата да стасаат повторно.
Печете 30ина минути или додека не заруменат убаво.

Меко тесто со крцкава кора и вкус по желба....совршено!