Милиброд од Македонски Брод
Состојки
- 1 кг брашно Т-400
- 3 јајца
- 2 мали филџани масло
- 2-3 раце шеќер
- кора од еден лимон
- 1 коцка квасец
- 1/2 л млеко
- жолчка за премачкување
- маргарин за премачкување
Подготовка
Еве како јас го подготвив мојот велигденски милиброд за оваа година. Прв пат го правам по овој рецепт и навистина и по вкус и по изглед испадна одличен.
Се замесува тесто од брашното, шеќерот, маслото, надојдениот квасец, млакото млеко, јајцата, кората од лимон, сувото грозје и се остава да кисне. Ако е меко тесто се додава уште брашно.
Откако е скиснато тестото се дели на 9 топчиња, од секое топче се развлекува правоаголна кора, секоја кора се премачкува со мармалад по желба (јас ставив домашен мармалад од дренки, измешан со една лажица мармалад од сливи и една лажица мармалад од праски и малку цимет, а едниот милиброд го направив со рендана чоколада и канела) и се витка во ролат. По три ролати се плетат како плетенка, а на краевите се прицврстуваат со чепкалка. Се оставаат милибродите повторно да киснат.
Потоа се премачкуваат со жолчка изматена со 2-3 капки масло и 2-3 капки млеко и се наросуваат со семиња по желба. Над семињата се става по малку маргарин.
Се печат во претходно загреана рерна на 200 степени околу `15-20 мин. зависи од рерната, а потоа се покрива со хартија за печење и милибродите се допекуваат на температура од 170-180 степени уште 20-25 мин.
Кога се готови се покриваат со чиста крпа, па најлонче, па пак крпа, за убаво да омекнат.
На здравје.