Испечати

Торта без печење

Торта без печење

Состојки

  • прв темен дел
  • 200 гр. свежи урми (без коска)
  • 100 гр. смокви
  • 1 лажица какао
  • 50 гр. темно чоколадо (посно)
  • малку вода по потреба
  • втор светол дел
  • 100 гр. индиски ореви (непечени)
  • 150 гр. овесни снегулки
  • 1 банана
  • 1-2 лажици мед
  • непечени цели лешници, мелени непечени лешници

Подготовка

Оваа торта не бара печење, варење, туку само блендирање. Комплетно ја измислив и по состав и по количина и излезе успешно.
Посебно ќе им се допадне на веганите и на оние кои постат, а ги сакаат овие состојки. Изобилство од јагленохидрати, протеини, витамини ...

Прв дел
1. Смоквите се потопуваат во млака вода околу половина час, се цедат и се блендираат заедно со исчистените урми и какаото. Се додава по потреба по малку вода за да може да се блендира смесата.
2. Смесата се нанесува рамномерно во калап со округла форма (јас употребив мала тава со дијаметар од 19 см и длабочина од 3 см), обложен со мрсна хартија.
Врз смесата ставив изрендано темно чоколадо и го ставив во фрижидер додека го правев вториот дел.

Втор дел
1. Овесните снегулки и индиските ореви се блендираат одделно како брашно и потоа се соединуваат. Потоа во блендер се блендира бананата со дел од претходните суви состојки и со лажица се меша со остатокот додека не се изедначи. Се нанесува врз првиот темен дел рамномерно со лажица, а потоа и со малку наводенета рака, за добро да се распредели.
2. Потоа се става во ладилник, па откако ќе се стегне добро се вади мрсната хартија и се става на чинија. Се сечи на парчиња и се декорира по желба (јас ставив мелени непечени лешници на краевите и по еден цел непечен лешник на секое парче). На здравје!