Пролетна манџичка со коприви (посно)
Состојки
- 300-350гр. свежи коприви
- 1 страк праз
- 70гр. ориз
- 2 лажици брашно
- 1 лажица пипер за манџа
- 1 лажица пипер буковска
- по вкус сол
- по желба и вкус мешан сув зеленчук
- по вкус мелен црн пипер
- околу 1250мл. вода
- по потреба масло
Подготовка
Нам омилена...
Секогаш ја правам од око, но за полесно на тој што ќе посака на овој начин да ги подготви копривите, денеска ги подмерив потребните состојки.
Копривите се чистат, се мијат во неколку води за да испадни нечистотијата. Се кинат на ситно со раце и се ставаат на оган со вода да зовријат еднаш и таа вода им се фрла.(А, можи да не ја фрлате и да си ја искористите за плакнење на косата при миење.)
На масло се пропржува ситно сецканиот праз во кој сме додале сол.
Потоа се додаваат исцедените копривите и тие се пропржуваат.
Следува исчистениот и измиениот ориз. Се пропржува.
Кога се е убаво испржено, го додаваме брашното и тоа убаво се пропржува.
Се додаваат двата вида црвен пипер.(При што тенџерето ни е тргнато на страна од оган и убаво мешаме за да не ни изгори пиперта.)
Враќаме на оган и ја налеваме водата и постојано мешаме.
Штом зоврие, ја намалуваме јачината на ринглата, да биде на умерено и по желба зачинуваме со саканите зачини.
Вариме додека оризот се свари и се добие на густина.Треба да биде убаво густо, како што се гледа на фотографијата.
Кој милува може во чинијата да си додаде и кисела павлака.
Добар апетит!