Испечати

Видео рецепт: Штангли со кајсии (посно)

Видео рецепт: Штангли со кајсии (посно)

Состојки

  • За ПРВ ДЕЛ ќе ви треба:
  • 200 гр. суви кајсии
  • 4 лажици шеќер во прав
  • лист од обланда
  • 1/2 банана
  • За ВТОР ДЕЛ ќе ви треба:
  • 100 гр. шеќер
  • 50 мл. вода
  • 50 гр. маргарин
  • 100 гр. мелени бисквити
  • За ГЛАЗУРА ќе ви треба:
  • 50 гр. црно чоколадо
  • 1 лажица масло

Денес ќе готвиме заедно со Ирена, готвач член на нашата веб-страница. Ирена ќе подготви еден од нејзините најпопуларни рецепти, Штангли со кајсии.

Многу декоративен, вкусен, а воедно и посен десерт. Брз и лесен за подготовка, дури и за почетници во кујната.

Подготовка

Чекор 1: Калапот обложете го со најлон фолија. Листот обланда пресечете го според димензијата на калапот и ставете го внатре како основа.

Чекор 2: Кајсиите и бананата исечкајте ги во сецкото, па убаво измесете ги заедно со шеќерот во прав. Смесата распределете ја врз парчето обланда и ставете го во фрижидер додека го подготвувате следниот дел.

Чекор 3: За вториот дел ставете ги шеќерот и водата да зовријат, па додадете го маргаринот да се стопи. Измелете ги бисквитите, па на крај убаво измешајте ги и нив во смесата. Оставете да се излади, а потоа рамномерно нанесете ја врз смесата од кајсии и банана. Оставете во фрижидер додека ја приготвувате глазурата.

Чекор 4: Ставете го чоколадото со маслото во сад на пареа да се стопи. Со четче нанесете ја глазурата врз изладената смеса, па декорирајте по желба. Оставете да се стегне чоколадото, па сервирајте.

СОВЕТ: Големината на парчињата зависи од тоа колку сакате благо, дали ќе ги сечете како бајадери, или како поголеми штангли.