Болоњезе торта- Јубилеен 300ти рецепт
Состојки
- болоњезе сос
- 1 главица сецкан кромид
- 500гр мешано мелено месо
- 300мл доматен сос( или пелати)
- маслиново масло, оригано, зачин, бибер, лук по вкус
- 500гр ригатони макарони
- 80гр пармезан
- 2 лажици маслиново масло
- 100гр гауда
- 250 гр урда
- 1-2 јајца
- 1/4 лажиче сол
Подготовка
Драги мои ова е мојот 300 рецепт.
Се одлучив за солена варијанта на торта, бидејќи ми се чинеше како интересна идеа, со оглед на тоа што помалку се застапени солени торти, отколку слатки торти на оваа страна.
Тортата е превкусна која може да се послужи како доручек, а богами и како ручек.
Поздрав до сите членки на оваа страна, посетителите на странава и секако на тимот на Мои рецепти, кои ни ја овозможија оваа прекрасна дружба.
Тортава не е ништо комплицирана за подготовка, но можеби бара повеќе трпение и време.
Е па вака оди подготовката.
Се користат макарони Ригатони - пошироки
На кесата пишува се варат 10 минути, но јас ги варев 7-8 минути, какао би останале ал денте, односно не би се распаднале и со самото тоа полесно би се ределе во подготвениот калап.
Во зовриената вода во која има додадено малку сол се варат макароните.
Се цедат и се мијаат со ладна вода.
се ставаат во длабок сад каде се додава 2 лажици маслиново масло и 40 гр пармезан.
Убаво се промешува.
Сега обрач, калап каде ќе се печи тортата(бр 26) се премачкува со маслиново масло.
Се редат макароните како војници, едно до друго.
Во сад се соединуваат урдата со солта и јајцата.
Убаво се промешува.
Со мало лажиче се става во секоја макарона.
Кога цела постапка е завршена се удира од масата еднаш, два пати плехот, обрачот како би навлегла смесата подлабоко во макароните.
Сега се става подготвениот болоњезе сос, која треба да биде топол.
За сосот на загреано маслиново масло се пропржува кромидот, па се додава меленото месо и се пржи да му испари течноста.
Се зачинува по вкус, па с е става доматниот сос.
Се крчка на тивко да испари целата течност.
По желба може да се користат и пелати.
Одозгора пак се посипува со останатите 40 гр пармезан.
Вака подготвената торта оди во рерна и се печи 15 минути на 190 степени.
Се вади од рерната, се нанесува гаудата и се враќа во рерна уште 10-15 минути.
Се остава да се излади 5-10 минути. Се сервира, со бело вино или можеби со јогурт, кој како сака.
По желба од кога ќе се нанеси урдата со јајцата, тортата може да се прелие и со 200 гр подготвен бешамел сос.
Така би била посочна, но тоа е работа на вкус.