Ватикански леб (колач со маја)
Состојки
- Пред тесто
- 1/4 маја
- Прв ден - Понеделник
- 250гр шеќер
- Втор ден - Вторник
- 250мл млеко
- Трет ден - Среда
- 250 гр брашно
- Петти ден - Петок
- 250 гр брашно
- 250 гр шеќер
- 250мл млеко
- Шести ден - Сабота
- 250гр брашно
- 250мл масло
- 3 јајца
- 50 гр суво грозје
- 50гр дробено чоколадо
- 1 шоља (200мл) мелени ореви
- 1/2 лажица цимет
- 1/2 лажица сода бикарбона
- 5 гр (половина пакување или 1 мало лажиче) прашок за пециво (никогаш не го ставам)
- 1 пакетче (8-10 гр) ванилин шеќер
- Дополнителни комбинации
- слатко од смокви, слатко од тикви, брусница, аранчини, каранфилче, сок од слатко по избор (100мл)
Подготовка
Како и сите останати феноменални рецепти и овој ми е од ДРУГАР. Другар толку многу посветен на моето готвење што мајата за колачов ми ја прати по брза пошта во тегла =))
Значи за да го почнете овој суперски рецепт, потребно е некоја милна душа да ви даде маја.
Деновите ги пишував и по број и по име, мене лично така ми беше најлесно да следам правење на колачот. Пробав еднаш да почнам од друг ден, не Понделеник и каша попара направив. Го заборавав колачот =))
Инаку и покрај заборавањето, супер си испадна. Што и да правите, не можете да утнете.
Прв ден Понеделник
Во поголем сад ставете ја мајата и додадете 250 грама шеќер. Мешајте со дрвена лажица, поклопете и чувајте во фрижидер.
Овој ден се замислувала желба :)
Сфатив дека секое правење на колачов си замислувам да сме си сите здрави и живи.
Втор ден Вторник
Во смесата додадете 250мл млеко, промешајте и поклопено вратете во фрижидер.
Трет ден Среда
Додадете 250 грама брашно, промешајте и вратете поклопено во фрижидер.
Четврти ден Четврток
Само промешајте ја убаво смесата и вратете ја во фрижидер.
Петти ден Петок
Додадете ги сите набројани состојки и поделете на 4 дела. Трите дела се даваат некому, четвртиот дел останува за вас.
Шести ден Сабота
Додадете ги сите состојки за шестиот ден, убаво измешајте и сипете во калапчиња по желба. Јас најчесто го правам во силиконските калапи за векни на Делимано, но и како мафини и куглов се супер.
Печете на температура од 180 степени, 45 мин или според потребата (секоја рерна различно)
Совети:
Го имам правено колачов 15-20 пати. Со оглед на тоа дека немам кому да ја испораздавам мајата, скржаво и себично си ја трошам по дома =))
Рецептов има претрпено толку многу промени, што веќе не е ни истиот.
- Тестото што ќе го добиете последниот ден е посуво, како за леб. Јас секогаш додавам малку течност, 100-150мл да биде густо и течно. Течноста е тоа што ми дојде прво при рака, кисела вода, млеко, јогурт, сок од слатко....
- Пециво НИКОГАШ не ставам, супер си нараснува.
- Еднаш заборавив да ставам јајца, супер испадна
- Другар ми нарендал кило јаболка, презадоволен. Исто многу беше задоволен од колачов со рендана тиква во него
- Задржете го тестото какво што е и слободно играјте си со доплнителните состојки. Не можете да згрешите.
- Најомилена комбинација ни е: тестото со аранчини (кори од портокал и лимон), 50ина грама брусница, 5-6 смокви од слатко (сецкано), 5-6 парчиња слатко од тиква(сецкано), цимет и каранфилче и 100мл сок од слатко од смокви или киви, да даде малку киселкаст вкус. (главна фотографија)
- Тестото на моите фотографии е малку потемно. Ние користиме интегрално брашно, па да не ва збуни бојата ако користите чисто бело брашно.
- Место масло можете да користите маст, путер, кокосово масло и сл.
- Дали ви е доволно благо, пробајте пред печење. Сепак пишано е ЛЕБ. Ако ставите доволно овошје, нема да има потреба од дополнителни количини на шеќер.
- Совршено би се вклопил ѓумбир во колачот
Пријатно јадење!