Луда торта (посно)
Состојки
- 1 +1/2 шоља брашно
- 3 големи лажици какао
- 1 шоља шеќер или сладило по вкус (урми, маџун)
- 1 мало лажиче сода бикарбона
- 1 мало лажиче оцет
- 1/2 мало лажиче сол
- 1 мало лажиче ванилин шеќер
- 5 големи лажици масло по избор ( сончогледово,маслиново, кокосово или друго)
- 1 шоља вода или кисела вода
Подготовка
Без млеко, без јајца, не е потребен миксер. Совршено :)
Шољата е по избор. Бидејки нема јајца, потребно е само да ги следите мерките, не можете да утнете.
Јас користев шоља од 250мл. Направив дупла доза и ја печев во Ростерот на Делимано. Супер испадна, не се залепи за дното, иако не го премачкав, ниту пак ставив хартија за печење.
Во еден сад ставете ги сите суви состојки освен сода бикарбоната.
Додадете ја водата и маслото и убаво измешајте да нема грутки.
Во голема чаша ставете го оцетот и содата и промешајте ги. Ќе запенат. Тогаш додадете ги во изматената смеса. Со ова тестото ќе биде попуфкаво.
Јас заборавив ова да го направам, па малку е збиено моето тесто.
Сипете го во садот за печење и печете во загреана рерна на 180 степени окулу 40ина минути. Обавезно проверувајте со чепкалка. Јас залет фатив, не проверував, па го враќав да се допече.
Тестото е меко и не многу благо. Доколку сакате можете да додадете сладило по желба. Само пробајте со прст од смесата. Совршено е за појадок со млеко или кафе.
Јас како засладувач ставив 2 шољи од Намазот од урми (кликни овде за рецепт)
Оставете убаво да се олади пред сечење, за тестото да не се притисне и залепи додека е уште топло.
Варијанти на приготвување:
- Ако го печете тестото во најголемото тавче од рерна, можете да го искористите како пандишпан за торта. Само смислете си фил
- Можете да го направите како мафини, а феноменално би било ако на средината ставите коцка бело чоколадо.
- Можете да ставите половина доза во калапчињата за мафини или тавчето, да подпечете да фати кора, да го извадите, премачкајте со џем по избор, да ја сипете втората половина од тестото и да допечете
- Можете само да посипете со шеќер во прав и да послужите
Пријатно јадење и лесни пости! :)