Испечати

Младенчиња - колачиња за Младенци (посно)

Младенчиња - колачиња за Младенци (посно)

Состојки

  • 500г бело брашно
  • 1 коцка свеж квасец
  • 1 лажиче сол
  • 2 лажици шеќер
  • 200мл млака вода
  • 50мл масло
  • рендана кора од портокал
  • мед за премачкување
  • суво грозје
  • гранче свеж босилек (ако најдете)

Подготовка

На 22 Март секоја година се слави православниот празник Младенци. Тоа е убав празник кој го означува почетокот на Пролетта и е посветен на љубовта и младите брачни парови во првата година од нивниот брачен живот. Обичај е на овој ден да се прават слатки колачиња со мед за да им биде бракот сладок. Бидејќи е период на пости најчесто се овие колачиња посни, а бидејќи е ден на 40 Маченици, се прават 40 колачиња. На овој ден домаќинката треба да припрема различни јадења за да се покаже пред кумот и гостите
Јас минатата година славев Младенци и случајно сретнав слики од рецептов во фолдер, па да го постирам за овогодишните славители на овој празник. И не знам дали е правилно, но целата трпеза лани за Младенци ми беше спремана посна, иако во мода е сите да служат мрсни салати и месо.
Да се вратиме на рецептот
Од брашното, квасецот, водата, шеќерот, маслото, солта и ренданата кора од портокал замесете тесто. Оставете го да одстои околу 1 час за да го дуплира волуменот. Рассукајте тесто со дебелина од 5мм и со чаша формирајте 40 колачиња. Колачињата со свежо гранче босилек издупчете ги на неколку места и оставете ги уште малку да стасаат. Печете ги околу 20 минути и додека се уште топли премашкајте ги со мед и декорирајте ги со суво грозје во средина.