Пита со спанаќ, блитва и праз (посно)
Состојки
- За тесто
- 500 гр брашно
- 1/2 квасец
- 1 лажичка сол
- 250-300 мл вода
- За фил
- 500 гр свеж спанаќ
- 200 гр листови блитва
- 1/2 до 1 страк праз
- 1 лажичка мешан сув зачин
- бибер по вкус
- масло за попрскување (палмово користев)
Подготовка
1. Празот го сечкаме на ситно и го пропржуваме на малку масло. Измиениот и исчистен спанаќ, како и блитвата ги сечкаме и ги ставаме во сад со малку вода да омекнат. Водата ја менувам 2-3 пати додека убаво да се издинстаат листовите. Убаво процедуваме на цедалка и го додаваме во пржениот праз. Пржиме некоја минута да се соединат вкусовите, додаваме зачин, може и бибер и филот ни е спремен. Го оставаме да се лади.
2. Се замесува тесто со млака вода, се остава да стаса некои 15-20 минути, па се дели на 6-8 топчиња. Секое топче со постојано попрскување со брашно го расукуваме во големина на тавчето во кое ќе ја печеме питата.
3. Првото го расукуваме, го ставаме во намрсено тавче бр. 26 или 28, го попрскуваме со масло и со дел од филот. На секое наредно ја повторуваме истата постапка, а последната кора само ја попрскуваме со масло. Со нож го сечеме на парчиња по желба, во форма на баклава или квадрат. Го оставаме да стаса околу 15-20 мин. зависи колку ни е топла просторијата.
4. За тоа време ја загреваме рерната на 250 степени. Откако ќе стаса, печеме околу 20 минути или додека да поцрвени.
5. Го вадиме откако ќе се испече и го попрскуваме со вода, за да омекне. Го враќаме во исклучена рерна на кратко. Оставаме да излади па го сечеме, по веќе постоечките засеци и сервираме.
Забелешка
Јас питава ја правев со дупли состојки, за повод и во најголемото округло тавче што ми го собира рерната. Ги скратив и прилагодив состојките за помала пита.
Листовите спанаќ и блитва убаво процедете ги откако ќе омекнат, за да не ви биде многу влажна питата.
Питава е убава и само со спанаќ, ама мене пак само со блитва и праз ми е најубава. Вие правете си ја по желба.